Има застој во градбата на системот за наводнување Равен-Речица кој се гради од 2018 година. Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа се надминуваат проблемите. Тој од Желино каде беше учесник во акција за пошумување, истакна дека ќе продолжи доградбата на уште 30 отсто од трасата.
-Има таму застој поради тоа што треба да се спроведе експропријација. Преземени се конкретни мерки, известен е јавниот правобранител да излезе на место и верувам дека по тој застој што е моментално, интензивно ќе продолжи да се работи и во најбрз можен рок ќе има завршеток на прва фаза. Реално повеќе од 70 отсто е поставен каналот но со одредени технички проблеми на кои ние работиме да се отстранат, истакна министерот Арјанит Хоџа.
Во август 2018 година беше поставен камен темелник за изградба на нов систем за наводнување Речица-Равен, кој ќе опфаќа дел од полошката котлина северно од автопатот Скопје-Тетово-Гостивар. По изградбата предвидено е наводнување на потенцијални 3250 хектари земјоделско земјиште кое се протега на подрачјето на Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово. Вкупната вредност за изградба на системот за наводнување изнесува скоро 15 милиони евра.
А.С