Интензивните врнежи од дожд ноќеска предизвикаа нагло зголемување на водостоите на неколку реки во тетовско кои се излеаа од нивните корита и поплавија патишта и куќи. Според првичните информации неколку села во општините Теарце и Јегуновце ноќеска се поплавени поради излевањето на речните води.
Излевањето на Габровска река е причина за поплавување и наноси од земја, кал и дрвја на регионалниот пат Тетово –Јажинце помеѓу селата Доброште и Одри.
-Патот Тетово-Јажинце e непрооден помеѓу Доброште и Одри поради излевање на речната вода. Се работи на отстранување на наносите од земја, кал и дрвја, објави Исен Асани, градоначалник на општина Теарце на својот Фејсбук профил.
Мештаните од Доброште информираат дека поради поплавите оштетен е и асфалтот на коловозната лента на регионалниот пат Тетово-Јажинце. Жители на Јегуновце информираа дека во нивното село има поплавени куќи.
А.С