Се формираше иницијативен одбор на граѓани од Тетово која побара кај надлежните да се изгради соодветен објект и да се доуреди локацијата во тетовско Фалише, каде 13 години се погребуваат луѓе од православна вероисповед но нема инфраструктура и обележје. Иницијативниот одбор одржа средба со митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф во насока за координација и разгледување на можностите.
За иницијативата веќе се запознаени и во општина Тетово, а градоначалничката ветува дека ќе има помош од локалната самоуправа.
-Во буџетот на ЈКП планираат да работат на доуредување на гробиштата во Фалише. Доколку има потреба од додатни средства за инвестирање, како што тоа се направи со капелата, доколку се покажат слични потреби, спремни сме исто така да дадеме и придонес тука, изјави градоначалничката Теута Арифи.
Поддршка за иницијативата има и од советнички групи на на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.
-Мене ми е мило што има иницијативен одбор кој што ќе го решава прашањето со катастрофалната состојба на градските гробишта. Имаме иницијатива во следниот период околу партерното уредување и хортикултурно уредување што преку донациии што од буџетот на јавното комунално претијатие кое и во владение ги има градските гробишта. Друга работа која што сакаме, за која се надевам дека ќе добиеме поддршка од советничката група на СДСМ за изградба на помошен објект, менза за верски обреди каде што ќе можат достоинствено луѓето при извршување на верскиот обред да седнат со ожалостените фамилии. Се надевам дека во програмата за 2020 изградбата на овој објект кој што е од голем интерес за граѓаните ќе влезе на дневен ред и општината ќе започне со негова реализација, изјави Александар Велјановски од ВМРО ДПМНЕ.
-Секако поддржуваме се што е за добробит на граѓаните бидејќи сме тука заради нив. Може да се направи не со само со овој буџет туку и со ребалансот на буџетот кога ќе се донесе. Се што е за добробит на граѓаните на општина Тетово, затоа што не сме тука само како политички парти туку и како граѓани како лица кои што имаат можност да ги застапуваат интересите на општина Тетово, изјави Анастасија Блажевска од СДСМ .
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи информираше дека е одржана средба со г. Јосиф и со директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски и за другиот проблем – старите градски гробишта. Се разговарало за проект околу уредувањето на градските гробишта во Тетово.
-Тетово има сериозен проблем околу состојбата на градските православни гробишта, а за проблемите поразговаравме отворено со предложување решенија. На работната средба со градоначалникот Арифи и митрополитот Јосиф разгледавме конкретен проект чија реализација би создала достоинствено место за покој и оддавање почит на умрените, изјави Даријан Сотировски.
А.С