Голем дел од планинарските објекти се граделе неколку месеци откако завршила втората светска војна, со минимални средства и во тешко економска криза, откриваат фотографиите и документите кои постојат во богатата архива на планинарскиот клуб Љуботен од Тетово. Само девет месеци по ослободувањето на градот во ноември 1944, во август 1945 започнала обнова на планинарскиот дом на Попова Шапка што бил разрушен во војната, сведочи скоро објавената фотографија на клубот.
-Можеби сме со години веќе пред нив, но со разбирањата, ентузијазмот, еланот, самопочитувањето, почитувањето на општественото и вреднувањето на традицијата, со векови сме позади нив. На фототографијата гледаме луѓе кои во август 1945 година, нецела година од ослободувањето на Тетово (19.11.1944) го обновуваат планинарскиот дом на Попова Шапка. Само од овој податок можеме да разбереме дека ние, луѓето, ги креираме и движиме работите, во позитивна или негативна смисла. Ако некој на само 9 месеци после втората светска војна, започнал со вакви активности, без никакви средства и „надворешна“ подршка, тогаш треба сите да се запрашаме, која е нашата улога во општеството, во заедничкото наше, вели Јован Божиновски, претседател на ПК Љуботен.
Овој планинарски дом бил изграден 1934 година исто така во пост воен период.
-Се работело исто така и домот на врвот Љуботен кој бил изграден 1931 а после војната е реновиран. Во педесеттите години на минатиот век имало уште многу градби. Се проширува домот на Попова Шапка, се гради првата жичара и скокалница во ски-центарот, планинарски дом Јелак, прифатни куќи на Пирибег, Црн Врв, под Титов Врв, Џинибег и на крај Кулата на Титов Врв. Сето ова е градено од страна на ПК Љуботен со поддршка на Планинарскиот Сојуз на Македонија. Со истите се до 1962 ПК Љуботен дури и ги раководи, а после тоа сите ги зема државата и ги распределува на фабриките и комбинатите да бидат главни раководители. Пример домот на Љуботен на Југохром, домот на Јелак на Тетекс, домот на Попова Шапка со инфраструктурата на Општина Тетово, додека прифатните куќи не се управувани и од никого и во текот на времето се руинирани, објаснува Јован Божиновски.
Една од карактеристиките на градењето планински објекти во тоа време е носењето на градежен материјал со коњи и магариња, дури и за највисоката точка на Шар Планина, на 2747 метри надморска височина за потребите за градење на Кулата на највисокиот врв.
А.С