Четири институции од Тетово за три години немаат добиено ниту една пријава од укажувач, а воедно установите бележат и малку барања за пристап до информации или претставки и предлози. Ова го покажува мониторингот на Институтот за стратешки истражувања и едукација-Скопје на примената законите за заштита на укажувачите, за слободен пристап до информаци од јавен карактер и за постапување по претставки за периодот од 2016 до 2018 година направен врз 25 институции низ државата од кои пет во полошкиот плански регион. Една од петте институции (општина Тетово) не доставила одговори.
-Од анализираните доставени информации, а кои се релевантни за процена на можностите и капацитетите за овозможување на транспарентност и отчетност, може да се констатира дека треба дополнително да се работи за промоција законите и механизмите. Исто така со оглед дека некои субјекти не ни примиле барање за добивање информации укажува дека таквите законски инструменти за обезбедување на јавност и транспареност не се искористени воопшто. Воедно забележано е дека отсуствуваат обуки за лицата кои постапуваат по наведените закони односно не се овозможува професионална надградба и специјализација за овие лица. Скоро ниту еден од анализираните субјекти не ги објавува на својата интернет страница контакт податоците за лицата кои се задолжени да постапуваат по наведените закони, се вели во извештајот од мониторингот.
Постапување согласно со Законот за заштита на укажувачите
Основен суд, Клиничка болница, Втора гимназија „7 март”-Тетово и Јавна установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Тетово се институциите кои биле предмет на мониторинг и информирале дека немаат примено ниту едно барање според Законот за заштита на укажувачите. Општина Тетово не одговорила на барањата за податоци на мониторингот.
-Од посебно значење за мониторингот беа прашањата кои требаше да овозможат податоци за суштинското постапување на субјектите, односно за бројот на пријави од укажувачи, за начинот на постапување по пријавите и слично. Со оглед на фактот, дека од доставените одговори за овие субјекти, се увиде дека ниту еден од овие субјекти, нема примено ниту една пријава во периодот од 2016 година до 2018 година, за жал не може да се изврши објективна процена на капацитетите за постапување по пријави од укажувачи.Имајќи го предвид фактот, дека најголеми потенцијални пријавувачи согласно со Законот за заштита на укажувачите, се вработените, едно од прашањата беше дали се организирани обуки, со кои вработените ќе се запознаат со можноста да се јават како пријавувачи. Единствено Клиничката болница – Тетово има овозможено достапност на ваков тип на информации, но не во форма на обуки, туку како усно запознавање, се наведува во мониторингот.
Согласно направената анализа на доставените податоци, единствено Клиничката болница – Тетово има назначено лице за прием и постапување по пријави на укажувачи, додека останатите три субјекти немаат назначено такво лице. Во Втора гимназија „7 март” – Тетово обврските за прием и постапување по пријави на укажувачи ги врши раководното лице. Во однос на состојбата со интерните акти може да се констатира исто така дека само Клиничка болница – Тетово има интерни акти со кои се уредуваат внатрешните процедури.
Истражувачите преку мониторингот утврдуваат дека работното искуство на лицата кои постапуваат по пријави на укажувачи, таму каде што има определено вакви лица, е повеќе од пет години, но сите ги спроведуваат постапките без да бидат обучени за тоа.
-Може да се забележи од сите доставени информации, дека не е организирана ниту една обука, и дека ниту едно лице не учествувало на ниту една обука организирана од било кого. Оние субјекти кои доставиле одговор, во најголем дел, иако не во целост се обезбедени средствата за работа.За лицата кои што постапуваат по пријави нема предвидени посебни надоместоци надвор од плата, во ниту еден од субјектите кои доставиле одговори, се вели во извештајот.
Постапување согласно со Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер
Анализата на примени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, покажува дека се работи за многу скромен број на примени барања, ако се има во предвид дека се работи за период од три година, па така, Основен суд Тетово вкупно има примено 28 барања, Клиничка болница – Тетово вкупно има примено 9 барања, додека Втора гимназија „7 март” – Тетово и Јавна установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Тетово немаат примено ниту едно барање.
-Основниот суд Тетово и Клиничка болница – Тетово доставиле одговори дека на сите барања е одговорено во рок, како и дека нема доставено ниту една жалба во однос на одговорите на барањата. Исто така, овие два субјекти навеле дека немаат наплатено надомест за доставните одговори на барањата. Интересен е фактот дека субјектите кои примиле барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, одговориле потврдно и на прашањето „Дали податоците за контакт на лицето/лицата овластени за остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во вашата институција се јавно објавени на вашата интернет страница?”, додека субјектите кои не примиле вакво барање, одговориле негативно на ова прашање, се наведува во мониторингот.
Околу кадровските решенија во институциите само Меѓуопштински центар за социјална работа – Тетово нема назначено лице за постапување по барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, додека другите субјекти имаат назначено такво лице.
-Кај две од установите овластените лица имаат завршено правни науки, додека во еден од субјектите имаат завршено социологија (високо образование) и гимназија (информатика). Во ниту еден од субјектите, за овие лица кои постапуваат по барања за слободен пристап до информации од јавен карактер не е предвиден дополнителен надоместок надвор од плата. Во делот на процена на човечките капацитети и можностите за надградба и стручно усовршување, лицето задолжено за постапување во Основен Суд – Тетово има посетувано една обука, додека лицето од Клиничка болница – Тетово има посетено три обуки. Сите обуки се финансирани од надворешни донатори, се вели извештајот.
Основниот суд – Тетово и Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Тетово имаат пропишано внатрешни интерни акти за постапување во ваквите ситуации, додека останатите субјекти немаат такви акти.
Постапување согласно со Закон за постапување по претставки и предлози
И во мониторингот за процена на капацитетите по Законот за постапување по претставки и предлози, Општина Тетово не доставила одговор на барањето, а оние кои доставиле податоци информираат за слаб интерес кај граѓаните за доставување на претставки и предлози.
-Од сите анализирани субјекти, само Основниот суд Тетово има примено претставки и предлози во наведениот период, и тоа вкупно 54 претставки и предлози. Од наведениот одговор може да се види дека доставен е одговор на сите претставки и предлози. Исто така, од доставените податоци, може да се увиди дека не е примена ниту една анонимна претставка. Согласно со доставените одговори може да се утврди дека ниту еден од анализираните субјекти, нема поставено на интернет страницата податоци за контакт за лицето кое постапува по претставки и предлози, се вели во мониторингот.
Што се однесува до човечкиот потенцијал Основен суд Тетово и Клиничка болница – Тетово изјавиле дека имаат задолжено лица за постапување по Законот за постапување по претставки и предлози.
-Во Основен суд Тетово тоа е претседателот на судот, додека во Клиничка болница Тетово тоа е, правник од правната служба. Овие два субјекти исто така доставиле информација според која за ангажманот на лицата овластени за постапување по претставки и предлози не е предвиден надомест надвор од плата. Другите два субјекти навеле дека немаат назначено лице кое постапува по претставки и предлози, се наведува во мониторингот.
Како и за претходните два закони околу професионалната надградба, се утврдило дека ниту едно од овие лица немаат посетувано обуки во периодот од 2016 до 2018 година. Единствено Основниот суд Тетово одговорил дека има подготвено внатрешни интерни акти за постапување по овој закон.
Поттикнување интерес кај граѓаните
Истражувачите на Институтот за стратешки истражување и едукација врз основа на мониторингот и согласно целта на проектот да се поттикне интересот на граѓаните за примена на законите за остварување на нивните права на локално ниво предлагаат повеќе препораки до институциите.
Потребно е назначување на овластени лица за постапување по трите закони, онаму каде што тоа не е направено, надградба на човечките капацитети преку организирање на соодветни обуки за овластените лица во рамки на субјектот и/или финансирање на учество на обуки организирани од трети страни (граѓански организации, едукативни центри); донесување на потребните интерни акти кои се предвидени со законските прописи, навремено доставување на соодветните извештаи до државните институции, овозможување на средства за работа на овластените лица за постапување по односните закони, предвидување на одреден износ по основ на надоместок за овластените лица кои постапуваат по односните закони, објавување на интернет страницата на институцијата контакт податоците од овластените лица, а се во насока на зголемување на бројот на поднесоци по односните закони, организирање на средби со локални граѓански организации и локални медиуми во насока на воспоставување на врска и партнерство помеѓу овластените лица и локалните граѓански организации и медиуми како и воспоставување на систем на одговорност за постапувањето на овластените лица по трите закони, во случај на постапување спротивно на законските одредби.
Авторите посочуваат дека Извештајот треба да се гледа и чита комплементрно со „Основната студија за имплементацијата на Законот за заштита на укажувачите, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Законот за постапување по претставки и предлози на локално ниво во Република Северна Македонија”.
-Целта на овие две публикации, е преку нивно меѓусебно надополнување, да се направи анализа на законските одредби, нивните слабости и недоречености и да се оцени функционирањето и примената на овие закони во пракса преку анализа на работата на 25 институции во 5 различни градови, наведуваат од ИСИЕ.
Двете публикации се изработени во рамките на проектот „Поттикнување на граѓанскиот активизам за следење и известување на незаконито постапување на локалната самоуправа“. Проектот делумно е поддржан од Американската амбасада.
Александар Самарџиев
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот активизам за следење и известување на незаконито постапување на локалната самоуправа“