Претседателот на Социјалдемократската младина од Тетово, Бобан Милосавлевски, на прес конференција ја истакна важноста од изградба на затворен базен во градот.
-Со особено задоволство ви го најавувам почетокот на изградбата на нов, современ, затворен базен во Тетово, како дел од првата фаза на проектот „Изградба на 14 пливачки базени“. Ова е еден од најголемите капитални проекти на Агенцијата за млади и спорт во делот на спортската инфраструктура и е од огромно значење за развојот на спортот во нашиот град, како и сериозен исчекор во подобрување на условите за млади во целата земја. Периодот на изградба ќе трае 18 месеци, а вкупната сума на проектот изнесува 43 340 237 денари.
Спортувањето е главниот предуслов за здрава и силна нација. На младите им требаат современи сали, базени и игралишта. Токму затоа изградбата на еден ваков спортски објект беше приоритет во сите наши залагања како локален клуб.
И тука нема да застанеме. Младинската политика е континуиран процес кој постојано треба да се надградува и надополнува со свежи идеи. Се залагаме за подобар животен стандард и повеќе работни места за млади, но паралелно ја врежуваме грижата за животната средина во мајндсетот на новите генерации. Се бориме за еднакви можности за сите, а истовремено ги промовираме различностите како градбени клетки на лепезата на вредности. Без одмор работиме за да создадеме план кој максимално ќе го искористи целиот потенцијал на Тетово за младите.
Нека почетокот на изградба на новиот базен поттикне и нов почеток на соработка, во која ќе престанат делбите и младите од сите страни ќе се обединат во една визија. Соработка во која ќе побараме поддршка и од локалната и од централната власт. Соработка која ќе успее да создаде вредности, истакна Милосавлески.