Ректорската управа на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово во извештајот за работата на оваа високообразовна установа на крајот од годината бележи 15 процент раст на запишани студенти. Ова денес на средба со новинарите го потенцираше ректорот Абдулменаф Беџети.
-За прв пат по три години надминавме четири цифрена бројка на запишани студенти. Годинава имаме 1015 запишани во додипломски студии, а досега беше трицифрена. 950 студенти да се запишат во прва година е прагот на рентабилност, истакна Беџети.
Тој потенцираше дека важен показател за успешноста за работата на Универзитетот е анализата на вработеноста на дипломираните студенти.
-Над 70 отсто од студентите се вработиле во првата година од дипломирање, покажува Центарот за кариера кој ги следи студентите по завршувањето на студии. Бележиме и бројка од 20 проценти кои наоѓаат работа уште пред да дипломираат. Се вработуваат во силни приватни компании во силни сектори како банки и осигурување, вели Беџети.
Ректорот ја потенцираше помошта од државниот буџет како можност за доделување нови стипендии за одличните студенти.
А.С