Брезно шарпланинско село за сите сетила
За да се пристигне до шарпланинското село Брезно, од Лешок во правец на шумата треба да се поминат 4,5 километри. Уште по овој пат се забележува живописноста и прекрасната природа во која се наоѓа Брезно. Есента ги располала сите можни бои на дрвјата и листовите и вегетацијата која се среќава по пат. Брезно брои околу 80-тина куќи, од кои во педесетина од март до ноември претежно преку викендите доаѓаат сопствениците со семејства за неколкудневен престој. Дел од нив живеат тука во летните месеци.
-Селото е иселено во 1960-ите години на минатиот век од економски причини. Индустријализацијата како нов начин на егзистирање е причината луѓето да почнат да работат во фабриките, а се помалку да се занимаваат со сточарството и земјоделството, објаснува Илија Тодоровски, кој потекнуваа од тука но живее во Тетово.
Голем број од куќите останале со изгледот кога биле изградени на почетокот на минатиот век според автентичната архитектура на селата. Градени се со камења, со големи чардаци, дрвени скали. Претежно сите имаат големи дворови каде исто така се забележува бујна вегетација. Разни видови овошки, како и бавчи каде се одгледуваат полјоделски култури.
-Во текот на децениите тука постојано живееле најмногу по десетина луѓе и преку зима и преку лето. Последните две децении оние кои доаѓаат од другите градови ги користат како викенд куќи, а пензионерите кои имаат можност престојуваат тука преку цело лето. Голем број од нив ги реновирале но инфраструктрно, за да можат да издржат и тоа претежно на покривите. Останати се градбите од камења и дрва, вели Валентин Тасевски.
Освен убавата природа и куќите, Брезно е препознатливо и по убавите овошја кои тука успешно растат. Пред се станува збор за квалитетни костени кои ги има насекаде околу селото и во шумата како и благите дренки.
-Костените се поприлично големи, сочни и „благи“. Такво е поднебјето, шумски предел со многу сонце и затоа така убаво успеваат. Речиси да нема семејство кое нема свои костенови дрва надвор од селото во шумскиот предел. Дренките исто така можат да се најдат на секој чекор. Посебно годинава ги има многу и се поприлично благи и сочни, објаснува Илија.
Една од позначајните каратеристики во селото е „Милеската чешма“ чија вода овозможува да се „вкуси“ благодатната природа на овој предел. Оваа чешма е стара најмалку еден век со оглед дека и најстариот жител 82 годишниот Живко вели дека ја памети уште како дете, а му кажувале дека постоела уште пред многу години.
– Чешмата има извор некаде далеку во висините на Шар Планина. Водата е пријатна и убава за пиење. Сите домаќинства во селото кога доаѓаат тука, ја пијат оваа вода. Не ја пијат таа во нивните куќи, туку доаѓаат овде и полнат со шишиња и носат дома. Дека е подобра водата велат и од некои други села, како Теарце, Лешок па и Слатино од каде доаѓаат да наполнат за да имаат за пиење дома, рече Живко.
На еден и пол километар од селото е формирано и Брезјанско езеро. Има доводни канали но истите со години наназад се затрупани. Затоа е започната иницијатива за обнова односно езерото да се наполни со вода и како во минатото да биде атрактивно место за излети и викенд посети.
-Започнавме со чистење на доволниот канал од месноста Соколец до Брезјанско езеро. Лоцирана е трасата, најден е цевководот. Засега ја отстранивме вегетацијата која можеше да се исече рачно, а понатаму ќе се работи и со моторни пили за да се тргнат дрвјата кои се паднатите врз каналот, вели Тасевски.
Со возобновување на езерото поголема е атрактивноста за посети. Шумскиот предел е идеален за летните престои таму и бегство од високите температури и жештината на сонцето преку лето.
-Ние како иницијативен одбор имаме замисла да се направат патеки околу езерото каде ќе може да се пешачи, патеки кон Брезно и кон другите села на Шар Планина. Спроти езерото има и поголема ливада каде може да се направат спортско-рекреативни терени. На една од страните на езерот предвидуваме изградба на места за дневен престој со маси, столици, надстрешниците, места за скара и слично, вели Илија.
Тој ја потенцира местоположбата како идеално место за излетничко место, а воедно во идината со потенцијал за туристички престој.
-Селото се наоѓа на околу 970 метри надморска височина, а езерото на 1050 метри. Тука на лето има многу пониски температури од градот и селата во рамнина. Исто така нема промена на воздушниот притисок па е одлична прилика и за луѓето кои имаа зголемен васкуларен притисок. Тие не смеаат да менуваат места со голема разлика во надморската височина но не е така со Брезно. Тука може релаксриано да престојуваат и да одморат и да „избегаат“ од жештините во лето. Со еден збор пределот претставува воздушна бања, рече Валентин.
На неколку километри од Брезно се наоѓа и месноста Селиште. Тоа е старото место каде некогаш постоело Брезно во османлискиот период. Во текот на годините селото е префрлено на сегашната локација. Во Селиште, кое претставува и археолошки локалитет, се уште постои и црквата Свети Илија каде се чествува празникот Илинден секој 2-ри Август. Во Брезно постои црквата Света Богородица каде селската слава се чествува на празникот Успение на Пресвета Богородица на 28 август.
Александар Самарџиев