Лесно може да се учи за македонската историја и култура во Тетово, треба само да се дојде во најмалиот етнолошки музеј на Симеон Златев-Моне во селото Џепчиште каде тој чува околу 2000 стари предмети. Од нив, 900 се сместени во само 9 квадратни метри што ја прави оваа просторија и објект некрунисан најмал етно музеј во светот.
И возрасни но и деца-ученици кога доаѓаат тука, се запознаваат со богатото македонско културно наследство. Во дворот од музејот се народните носии, кои на некој начин ги пречекуваат посетителите.
„Рачна работа е ова, ништо нема машински, нашите прабаби биле многу вредни и затоа имаме големо богатство ние Македонците, благодарение на нивните мисли и работливост. За машката носија-овде жито имало и фрлале. Мажите, едноставни алишта имале мажите, еве носеле и опинци“ објасни Симеон Златев-Моне.
А внатре е ризницата која веќе 33 години Симеон Златев ја создава и чува од заборав. Луѓето не можат да останат рамнодушни на илјадниците предмети кои нè потсетуваат на минатото.
Во 1991 година во оваа викендичка во тетовско Џепчиште, само најблиските роднини и пријатели имале прилика непосредно да ја запознаваат македонската историја. Но од кога ја прифатил идејата да тоа биде во форма на музеј, повеќе од три децении, огромната колекција на Моне е прилика за илјадници луѓе тука со свои очи да видат дел од она кое го користел и со кое живеел македонскиот народ со векови.
„Станав една личност која ги презентира нашиве национални богатства на едно повисоко ниво. Од тогаш доаѓаат групи, школи, од факултети доаѓаа да ги испитуваат, да снимаат некои ретки предмети и имав двајца студенти дипломираа на музејот. Една женска особа магистрираше во Виена на Музејот, а еден докторираше на делови од предмети користеше од Музејот, во Универзитетот „Кирил и Методиј“ (УКИМ). Навистина јас бев изненаден, потоа, ја овие предмети за да им го продолжам векот на живеење издадов и 12 книги чиј автор сум, ни раскажа Симеон Златев.
Малата просторија од девет квадратни метри ги собира најголемиот дел од околу 900 предмети. Во претсобјето се наоѓаат уште неколку стотици или вкупно околу 2000. Подредени се по намена, групи и категории. Моне проценува дека веќе над 60 илјади луѓе го посети неговиот музеј.
„Најмал предмет во музејот, се интересираа некои, кој е најмалиот, викам гласачко топче, гумено е тоа. Сантиметар дијаметар има. Сантиметар со сантиметар, како топче. Најтежок предмет беше и е сè уште мелница камена за мелење на бунгур на жито. Најголем предмет ми е софра бакарна која е живописана самата. Освен што служела кај богатите аги и паши како софра за јадење и туку толку е обработена стилски со вегетативна пластика да навистина да јадеш на неа, да поставиш јадење, затоа некои ја користеле ја закачувале на ѕид, како слика како украс“, вели нашиот соговорник.
За ова богатство знаат и многумина странци. Низ оваа врата, стара над 200 години поминал и еден од најниските луѓе актерот Ворвик Дејвис со висина од еден метар и седум милиметри, инаку познат по улоги во филмовите Господар на прстените и Хари Потер. Во 2010 година тој беше таму со Карл Пилкинтон со кого на ТВ Дисковери снимаа епизода од серијата „По стапките на Марко Поло“. Нашиот домаќин вели дека тоа бил еден од незаборавните денови во музејот.
„Ми се јавија организаторите дека најмалиот актер англиски Ворвик од Хари Потер, глумел, сакал да ме посети. Најмалиот актер во свет во најмалиот етно музеј во свет. Дојдоа со специјално камери, јас бев изненаден. Комшии вадеа, столици, маси, многу луѓе се собраа“, се потсети Моне.
Освен по издадени книги, зборот за најмалиот етно музеј се шири и преку редовните изложби на кои Симеон Златев-Моне учествува со дел од предметите. Тетовскиот ентузијаст редовно го пријавува музејот како место кое може да се посети во рамки на манифестација „Европски денови на културното наследство“.
автор на текст: Александар Самарџиев
фото и видео : Тетово инфо
Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.