Во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиумите во контрола над работата на јавните претпријатија во Полошкиот плански регион“, Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје спроведе анализа над работата на локалните јавни претпријатија во Полошкиот Плански Регион за 2019 година, согласно Алатката за отчетност и транспарентност изготвена од страна на Центарот за граѓански комуникации. Целта на активноста беше да се процени состојбата во овој сегмент за локалните јавни претпријатија во овој плански регион врз основа на што беа формулирани препораки.
Истражувањето опфати 8 локални јавни претпријатија во Полошкиот плански регион и покажа дека во голем дел локалните јавни претпријатија во Полошкиот плански регион не ги применуваат критериумите за отчетност и транспарентност, согласно со Алатката изготвена од страна на Центарот за граѓански комуникации.
Во таа насока, во рамките на истражувањето се наметнаа следниве заклучоци:
-Ниедно од анализираните претпријатија во Полошкиот Плански Регион не објавува податоци за членовите на управниот и надзорниот одбор и нивните биографии, надоместот кои им се исплаќа, списокот на вработени и нивните контакт податоци како и навремени информации од седниците на управниот одбор.
-Во ниедно јавно претпријатие во овој плански регион не постои посебен оддел за пристап до информации.
-Ниедно од локалните јавни претпријатија нема објавено Правилник за заштитено внатрешно пријавување како и основни податоци за контакт – лице за заштитено внатрешно пријавување.
-Ниедно претпријатие нема објавено Оперативен извештај за работењето во 2019 година; редовни квартални финансиски извештаи; Ревизорски извештај за 2019 година; статистички информации поврзани со нивната дејност; Годишен план за јавни набавки, огласи и тендерски документации како и известувања за склучени и реализирани договори за јавни набавки на нивните веб-локации.
-Само едно претпријатие од анализираните има објавено: (1) листа на информации од јавен карактер со кои располага претпријатието; (2) основни податоци за контакт со имателот на информацијата во претпријатието; (3) основни податоци за контакт со службеното лице за посредување со информации; (4) објаснет начин за поднесување на барање за пристап до информации; (5) закони кои се однесуваат на надлежноста на претпријатието; (6) статутот на претпријатието; (7) програма за работа и развој; (8) организациската шема на локалното јавно претпријатие.
-Од друга страна, значајно е да се нагласи дека неколку претпријатија во Полошкиот плански Регион имаат објавено податоци од надлежностите кои ги извршуваат, односно му се утврдени со закон како и ги имаат објавено видовите услуги што ги дава претпријатието.
Од анализата може да се заклучи дека постои евидентен простор за подобрување на активностите и капацитетите на локалните јавните претпријатија во Полошкиот Плански Регион за подобра отчетност и транспарентност на работењето. Се наметнува потреба од континуирана едукација на менаџментот и вработените за законските обврски во делот на транспарентност како и за следење на најдобрите практики на другите релевантни институции особено јавните претпријатија на национално ниво во однос на отчетноста на трошењето на јавните пари.
Ова истражување е изготвено со помош на грант доделен преку проектот „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Центарот за граѓански комуникации во партнерство со Здружението Конект и Здружението на даночни советници.
Повеќе информации можете да најдете на следниов линк https://isie.org.mk/2020/08/17/local-public-enterprises-in-polog-region-require-more-accountability-and-transparency/