Многу работи на Шар Планина може да се јадат, пијат или да се видат. Исто така да се слушнат, запеат и заиграат. Ова се покажа само за еден ден и тоа во неколку часовниот Саем за промоција на културните и природните вредности на Шар Планина што вчера го организираше Платформата „Пријатели на Шара“ во селото Вејце на 1150 метри надморска височина. Доаѓајќи од Тетово кон Вејце, среде јули Шар Планина плени со својата колоритност, зеленилото во повеќе нијанси, а годинава се уште се забележуваат места со неистопениот априлски снег. Во Вејце под сенката на боровите, дабовите и липите е вистинско „бегство“ од градските жештини, се чувствува температура барем за 5 степени помалку.
Домаќините од Вејце, задолжени за храната, подготвија флија (тури-потпечи) кое се подготвува од утрината, печејќи неколку слоеви на тесто под вршник, со задолжително овчјо сирење направено токму во бачило на Насер Џемаили на падините на Шар Планина. Компирот од Вејце е исто така препознатлив за овој крај на Шар Планина. Се одликува со невeројатна блажина, а сварен буквално се топи во уста. Подготвен беше и бакарданот и овчјо кисело млеко за севкупно гастрономско уживање.
Поради природните предуслови неверојатно многу успева компирот на оваа надморска височина и земја која ја има во близина на селото. На тетовскиот пазар компиорт од Вејце има посебна ознака зошто е посебен од останатите, велат од Вејце.
Шар Планина со текот на вековите создала многу приказни и песни кои се пренесуваат од колено на колено и на македонски и на албански јазик. Џеват и Бетим Џемаили од Вејце го претставија „Качачко оро“ создадено во Османлискиот период. Пред да започне орото дел од кореографијата која ја изведоа во народни носии ја претставија историјата на Албанците кои се одметнале во планина од власта. Едниот од нив излегува на полето погледнувајќи дали има некого, по што го повикува другиот играорец.
Ако нема ризик од Османлиите се облекува носијата, се пали оган, се лови зајак, па се јаде. Потоа се оди на фронт, а по враќањето се пали цигара, вели Џеват Џемаили. Следува орото „Асан-ага“, со тоа што се оди 1-2-3 чекори напред, 1-2 потези со ногата во место и повторно три напред.
Групата „Гавровски“ од Тетово кое го негува гласоечкото машко полифоно пеењее ја изведе песната за Шар Планина. Станува збор за народна изворна песна која потекнува од Подгорие или селата северно од Тетово кои се на падините на Шар Планина. Во организацијата на Агенцијата на Обединетите нации за образование, наука и култура -УНЕСКО, двогласното машко пеење наречено гласoeчко во декември 2015 година беше впишано во листата на заштитени добра како нематеријалното културно наследство.
Тоа е љубовна песна за убвината на девојката Милка, а воедно го имаме моментот на словенска антитеза. Се поставува прашање дали е убавинатa Шар Планина, но воедно се дава негација и одговор дека е убвината на девојката Милка која страда по своето либе, вели Мирослав Гавровски.
Море што се бели горе Шар Планина
Дал је снег ил па е бело стадо
Да е снегче би се растопило, да е стадо би се растурилоНит је снегче, нит је бело стадо
Туку ми било Милкино чадорче
Под чадорче Милка болна лега
Планинарите од планинарскиот клуб Љуботен ни раскажаа што се има на Шар Планина ако се пешачи токму од Вејце кон врвот Кобилица кој се издигнува над селото на 1680 метри надморска височина.
Од Вејце кон Кобилица постои земјен пат кој што претстатвува многу лесна патека за планинско пешачење. Се прави еден круг околу Кобилица и за враќање назад вкупно се поминуваат 8 километри за три часа од кои 30 минути се одмор. Кога се движиш покрај ваков пат неизбежни се многуте видови дрвја и други билки кои се среќаваат. Една од најважните работи е што по пат имате многу вода. Избројавме барем 8 чешми со бистра и пивка планинска вода. Неверојатен е пејсажот на ниви со компири, а позади нив густа шума и високите предели и врвови на Шар Планина, изјави Сашо Јаневски од ПК Љуботен.
Од шумските плодови на Шар Планина се подготвуваат голем број производи од овошје-мармалади,џемови и слатки, а такви од Вратница донесоа членови на семејството Јововски. Од Вејце беа претставени и изработувачи на музички инструменти џифтелии кои ги користат изведувачите на албанската изворна музика. На Шара има и коњи, па дел од учесниците извлечени преку лотарија за прв пат јаваа низ Вејце.
Денот на Шара или прекуграничен саем за промоција на културните и природните вредности на Шар Планина во организација на Платформата „Пријатели на Шара“ се прави за прв пат. Идејата за организирање на овој саем е во насока на поттикнување на активности за заштита на природа, односно иден национален парк, изјави Фросина Пандурска Драмиќанин од Платформата Пријатели на Шара.
Целта исто така е да прерасне во традиционална манифестација чи препознатлив знак ќе биде локалната храна и културолошки елементи кои во иднина може да се претстават како основа за развој на планински и рурален туризам, изјави Јован Божиновски, претседател на планинарскиот клуб Љуботен, дел од Платформата Пријатели на Шара.
Село Вејце е добро познато на планинарите кои од ова место може да се движат до врвовите Кобилица, Црн Врв, Сува Дупка, Куч Баба, Дупнат Камен и Орлоец. Во близина на селото како туристичка атракција постои пештера за која се вели дека се криеле партизаните за време на Втората Светска Војна. Од природните убавини може да се долови прекрасната глетка на реките која минуваат покрај селото (Дојранска и Купиница) кои на почетокот од селото кај мостот ја формираат Вејачка Река. Традиционални вештини се везење и плетење на чорапи и јастуци, кои ги поседуваат жените во селото. Во регионот, Вејце е најпознато по најдобриот компир и мед, а во однос на традиционални јадења најкарактеристични се флиа, бакардан, грав, алиѓин и шеќер паре. Млеко, сирење и урда мештаните ги произведуваат и продаваат.
Пријателите на Шара се неформална група составена од четири невладини организации – Македонско еколошко друштво, Центар за едукација и развој, Планинарски клуб Љуботен и Институт за развој на Заедницата кои во последните пет години лобираат Шар Планина да стане национален парк.