Пратеникот од редовите на ВМРО ДПМПНЕ од Тетово, Александар Велјановски порача дека прашањето околу поставувањето на крстот во дворот на црквата свети Наум Охридски на Попова Шапка мора да се затвори веднаш и не смее да се политизира.
-Крстот е дел од Црквата како што минарето е дел од Џамијата. Крстот на Попова Шапка е поставен како урбана опрема и истиот не е градежен објект и не подлежи на процедура за градење како што беше случајот од 2017 година со изградбата на џамијата на Попова Шапка на државно земјиште без дозвола за градба. Политичките партии на Албанците кои живеат во Македонија треба да знаат дека верските чувства на православните Христијани не смеат да бидат тема на меѓусебни препукувања помеѓу Беса, ДУИ и останатите. На крајот да ве потсетам на изјавата дадена на 18 јуни 2017 година од страна на Реисот Сулејман ефенди Реџепи и тетовскиот муфтија Ќани Несими во врска со поставување на камен темелник за изградба на џамија без дозвола за градба на Попова Шапка. Џамијата е изградена на три спрата со големо минаре и пропратни објекти, порача Велјановски преку социјалните мрежи.