Во Јегуновце носителката на листата со кандидати за пратеници Дафина Стојаноска и кандидатот за пратеник од Тетово, Александар Велјановски ја промовираа кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова за претседател.
„Ова се избори на кои народот ќе избере кој ќе претставува државата. Дали како и до сега, човек кој нема свое јас или професорката Силјановска-Давкова која секогаш е во првите редови кога се работи за одбрана на честа на македонскиот народ. Да се биде претседател на Македонија особено во овие тешки времиња е голем предизвик и голема чест, затоа што е потребен претседател кој ќе ги штити националните и државните интереси како што е професорката, која ги штитеше интересите на македонскиот народ во изминатите четири години, рече Велјановски.
тој посочи дека со повторување на зборовите, Европа, Европска унија и друго нема Македонија да стане членка на ЕУ.
„На овие за претседател треба да се гледа, вие народот македонски, да кажете крај на политиките на СДС и ДУИ, на политиките на уништување на се она што е македонско и со кое се гордееме како Македонците. Оваа кампања не е само за хартија, овие избори не се само за претседател на Македонија туку најважните досега, или ќе ги поразиме силно едно камче да не остане од нив или ќе продолжиме да тонеме во очај и без излезност. Едно треба да биде јасно, со повторување на зборовите, Европа, Европска унија и друго нема да станеме членка на ЕУ. На Пендаровски народот веќе не му верува, затоа што наутро кажува едно, а попладне друго. Народот ќе го демантира и на изборите ќе каже трето-а тоа е, голем пораз за СДС и Пендаровски, истакна Велјановски.
Дафина Стојановска посочи дека се обраќа во името на лидерот Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска Давкова.
„Пред седум години кога ја узурпираа изборната победа, кога ветуваа едно општество за сите, тандемот Ахмети и Заев беа како на седмо небо. Пет години потоа седмото небо им се растури и се појави нов тмурен облак кој потврди дека и од лошото имало бетер. Морало да се предаде сопствениот народ, морало да се коленичи пред друг народ, морало да се биде понизен. Доста е од играње по туѓи ноти. Доста е таа нивната, време е за нашата. Време е за Македонија повторно да биде своја, време е Македонија повторно да биде горда, истакна Стојаноска.