Последниве денови, особено наутро и доцна вечер и на тетовско-гостиварското подрачје присутни се релативно ниски температури, кои во голема мерка ја интензивираа грејната сезона, не само во домовите, туку и во трговски дуќани, јавни објекти и слично.
Поради ова, осетно зголемени деновиве се и можностите за настанување на пожари, пред се како резултат на човечко невнимание, стари и дотраени електрични инсталации во објектите, неисправни печки и навреме неисчистени оџаци во куќи или станбени згради.
Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до граѓаните за максимална внимателност, односно да не ги оставаат вклучени грејните тела кога подолго време не се наоѓаат во домовите или работните простории, особено не греалки, клима уреди или печки на дрва. Зашто, доволна е само мала искра да пламне голем пожар со сериозни материјални и други последици. Ова, посебно се однесува на станбените згради, каде далеку потешко се локализираат пожарите, а заради недостиг на потребната опрема во многу од нив и отежнатиот пристап до објектите, најчесто од градежни или други причини.
На сопствениците на куќи и на станарите во зградите им се советува најмалку два пати годишно да ги проверат и исчистат оџаците, но и да не ги преоптоваруваат инсталациите со вклучување на повеќе електрични апарати наеднаш.
Зашто, предизвикувањето на општа опасност, согласно член 288 од Кривичниот законик претставува кривично дело за кое е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години, а доколку тоа е направено од небрежност казната е до три години.
Од граѓаните се бара доследно да ги почитуваат овие апели и укажувања, за да се превенираат можните пожари и да се спречат посериозни последици по нивниот живот и имот.