Информација од Агенцијата за храна и ветеринарство
Болеста африканска чума кај свињите не е евидентирана кај домашната популација свињи во Полошкиот регион. Кај дивата популација свињи потврдена е на ловиште за крупен дивеч во село Вејце, општина Тетово.
Вирусот на африканската чума кај свињите е болест која се пренесува само кај свињите, односно од неа заболуваат диви и домашни свињи. Болеста не е зооноза односно вирусот не е опасен и не се пренесува на луѓето, кои се можни негови преносители.
Дивите свињи имаат важна епидемиолошка улога во ширењето на болеста преку труповите од угинатите животни во кои вирусот опстојува долго време. Тие се заразуваат со вирусот преку контакт со други диви свињи или преку исхрана со трупови од угинати животни, а потоа вирусот се шири во популацијата на диви свињи. Труповите од угинати диви свињи играат важна улога во одржување на вирусот во животната средина.
Агенцијата за храна и ветеринарство наложи ловните друштва да вршат пребарување на ловиштата и сите пронајдени угинати диви свињи веднаш да ги пријават до надлежниот официјален ветеринар. Пребарувањето на ловиштата е исклучителна важна активност со цел рано откривање на присуството на вирусот на африканска чума кај свињите. По пријавата за пронајдена угината дива свиња, официјалниот ветеринар зема примероци за лабораториско тестирање и наложува мерки за нештетно отстранување угинатите диви свињи.
Согласно наложените мерки од Агенцијата за храна и ветеринарство, консеционерите на дивечот во ловиштата, управувачите со државните ловишта ЈУ ,,Национални паркови“ и ЈП „Национални шуми“ – Скопје се должни да достават неделни извештаи од резултатите од пребарувањето на ловиштата до официјалните ветеринари и АХВ.
Од секоја отстрелана дива свиња исто така согласно наложените мерки од Агенцијата за храна и ветеринарство, консеционерите на дивечот во ловиштата, управувачите со државните ловишта ЈУ ,,Национални паркови“ и ЈП „Национални шуми“ – Скопје се должни да земат примероци за испитување на африканска чума кај свињите, класична чума кај свињите и трихинелоза и да ги достават до надлежниот официјален ветеринар, со напомена дека месото и органите од застреланите диви свињи не смеат да се користат се додека не се добие негативен резултат. Доколку се добие позитивен резултат официјалниот ветеринар наложува мерки за нештетно отстранување на свињите.