Центарот за управување со кризи (ЦУК) известува дека на Шар Планина бил спасен повреден планинар, кој би однесен до Попова Шапка со ратрак на приватната фирма Ескимо Фрирајд, а помош и поддршка при акцијата имало и од полицијата, Националниот парк, Итната медицинска помош, планинари и други.
Во ЦУК околу 14.00 часот на Единствениот повикувачки број за итни случаи на 112, е добиен повик за повреден планинар во повисоките делови на Шар Планина кај превојот меѓу Титов Врв и Бакардан.
– Планинарот се повредил кога се симнувал со својот другар по источната страна кон месноста „Мал Турчин“. Двајцата биле последни од групата со којашто оделе. Заостанале малку и најверојатно, брзајќи за да ги стигнат колегите, едниот од нив се лизнал и опасно ја повредил ногата, за којашто не се знае дали му е скршена или само повредена, а и општо му се лошело после лизгањето. Соработката и меѓусебната координација на институциите, службите и приватните фирми овозможи да се пронајде многу брзо решение и на помош бил употребен „ратрак“ на приватната фирма „Ескимо Фрирајд“, коишто во тој предел биле превезувајќи посетители на пооддалечените места на Шар Планина. Тимот на „Ескимо Фрирајд“, и самиот составен од пасионирани планинари, иако во моментот превезувал туристи, несебично веднаш тргнал нагоре кон повредениот планинар, информираат од ЦУК.
На Попова Шапка повредениот бил пречекан од медицински тим кој пружил прва помош.
фото ЦУК