Ревијата на македонски носии со која денес почнува културната манифестација „Фолклорни средби Брвеница игра и пее 2023 година“ поради временските услови наместо во Стенче во дворот на црквата св. Екатерина ќе се одржи денес во спортската сала „Коста Рацин“ во Брвеница од 15 часот и 30 минути.
– На оваа прва ревија присутните ќе имаат прилика да погледнат дел од оригинални носии од крајот на 19 и почетокот на 20 век, носии од Полошкиот регион и западниот дел од Македонија кои се надеваме дека ќе ги им стоплат душите и ќе ги вратат сеќавањата за нашите предци кои неуморно рачно ги изработувале и ни ги оставиле во аманет да ги сочуваме и да се потсетуваме на темелот на македонската традиција и автентична култура единствена во целиот свет. Се надеваме дека ќе уживаат во настапите на фолклорните уметници и младите играорци кои ќе настапат со кореографии од различни делови на Македонија и се надеваме дека ќе поттикнеме големо културно будење и заинтересираност за се поголем број на млади деца се вклучат во негувањето на непроценливото културно наследство, изјави Маријана Младеноски.
За одбележување на јубилејната 20-та годишнина, утре сабота 17 јуни во 15 часот и 30 минути фестивалот ќе започне со дефиле низ Брвеница на домаќините и другите гости, по што следува концерт со почеток во 16 часот и 30 минути пред спортската сала „Коста Рацин“ во Брвеница.
Покрај домаќините ќе учествуваат и КУД „Брвеница“ од Рашка, Србија, КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце, ГАКУД „Браќа Гиноски“ од Гостивар, Здружение на Срби и Македонци КУД „Бранко Чајка“ од Тетово, КУД „Младост“ од Кичево и КУД „7 Септември“ од Македонски Брод.