Детските новогодишни песни како хор испеаа околу 100 учениците од прво до шесто одделение кои посетуваат настава по солфеж во Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ кај наставничките Фотини Георгиадис Кировска и Љубица Зафировски. Балетски танци на новогодишните песни изведоа 30 балерини од балетското студио „Менада“ кое го раководи Јелена Мирчевска Ристоска.
Наставничката Фотини Георгиадис Кировска не информираше дека оваа иницијатива која ја почнала минатата година била со помал број ученици и реализирана во музичкото училиште. Годинава поради зголемен интерес концертот се одржа во концертната сала во Музејот на тетовски крај (Дом АРМ), која исто така беше преполна. За учениците по солфеж ова е втора година кога се одржува ваков концерт кој поради интересот прераснува во традиција.
– Се подготвувавме три месеци од октомври до сега, децата имаа можност да бидат ангажирани и преку песните и хор да раскажат неколку новогодишни бајки. За разлика од минатата година, хористите имаа друштво, годинава имавме случајна средба со Ели од балетското студио и така се договоривме заедно да настапат. Учениците по солфеж да испеат новогодишни песни , а балерините да покажат како знаат да играат на истите такви песни, информираше Фотини Георгиадис Кировска.
Хористите освен на македонски, испеаа неколку песни и на други јазици. Балерините ги покажаа вештините за балетска игра на повеќе светски новогодишни хитови. На крај на забавата се придружи и Дедо мраз.