Честите измени и некои несоодветни наставни програми во македонското образование драстично влијаат врз ученици поради што кај нив се раѓа одбивност за учење и стекнување знаења. Ваква е оценката на дел од родителите со кои разговаравме на тема како честите образовни промени влијаат и со кои искуства и предизвици се соочиле заедно со нивните деца.
„ Децата ми се четири години разлика – пишувањето домашна работа со поголемиот син во прво одделение беше сосема различно 4 години подоцна, кога тоа требаше да го прави помалото прваче. Кога постариот син беше прво одделение, откако ги изучија буквите по македонски јазик читаа само реченици. Читање на текстови почна во второ одделение. Додека помалиот син, по четири години подоцна, во прво одделение по усвојување на азбуката веднаш почнаа со читање на текстови. Забележав, нему му беше полесно да го научи текстот напамет, отколку да се мачи да го чита. Во разговор со мајките разбрав дека и неговите соученици истото го прават. Поголемиот син по природни науки со термините тревојади, месојади, сештојади организми, за прв пат се сретна во трето одделение и лесно ги научи поимите. Помалиот син истите термини ги учеше во програмата за прво одделение и требаше да знае да ги објасни нивните значења. Со помалиот син беше неопходно да се работи повеќе време зошто беше 6 годишно дете и потешко беше да стекне знаење, раскажува Александра Јовановска, наставничка од Тетово воедно и мајка на две деца-ученици во основно училиште.
Непишаната практика, политичките промени да донесат и нови реформи во образованието, особено за основците, создаваат комплексни ефекти кои влијаат на различни аспекти не само на воспитно-образовниот систем, туку и на учениците, оценува универзитетската професорка д-р Рабије Мурати. Таа потенцира дека честите измени и креирање на концепции и различни стратегии не е ништо друго туку само една лоша „трка“ на министрите кој повеќе ќе спроведува измени и ќе „копира“ некоја програма или стратегија од некоја друга држава која е поразвиена и понапредна, што по автоматизам не значи и дека е добра.
„Не мора секогаш да се отфрла секоја измена од претходникот, или да се почне секогаш одново, затоа што така само тапкаме во место и не можеме да се развиваме. Треба еднаш да се мисли и да се работи на една добра, квалитетна стратегија којашто ни е потребна на нашето образование, нашето општество, прилагодена на нашите услови, потреби и можности и таа да се имплементира на пример 10 години, од прилика да можат со таа стратегија да завршат две или три генерации на ученици за потоа да се направи евалуација на таа стратегија и да се идентификуваат слабите и јаките страни на таа реформа. Секако понатаму би требало да се работи на слабите страни, и секогаш да сме подготвени за да се надградува и осовременува според потребите на времето и технологијата, смета проф. Рабије Мурати.
Забелешките на родителите за последната промена согласно Концепцијата за основното образование, се однесуваат за изработените наставни содржини по повеќе предмети, како и замислата или обидот за три предмети да се добие една оценка.
„Во второ одделение, по математика кога учеа геометрија во лекцијата никаде немаше напишано, а се бараше одговор на прашање „Во која 3Д форма нема 2Д форма?“ Јас како родител требаше да барам помош од пријател кој е наставник по математика во виши одделенија за да ми каже дека топката е 3Д форма која нема 2Д форма. Друг пријател наставник по математика ми вели, па и топката содржи кругови. И така ние го оставивме тоа прашање неодговорено. И ова е дел од тоа колку беа комплицирани задачите по математика. Постариот син во шесто одделение имаше три оценки за историја, географија и граѓанско образование, по модули. Учеа од сè по малку, вели Александра Јовановска.
Според неа учебниците беа конфузни за децата и тоа создава една состојба која резултира со одбивност кај учениците за стекнување на знаења.
„На тој начин децата се фрустрираат и не сакаат да учат и да одат на училиште. Тоа што ние сме го учеле во погорните одделенија сега за нашите деца е спуштено во подолните одделенија. На пример природни науки во второ одделение учеа за струјно коло. Колку 7 годишно дете може да разбере дека батеријата во струјното коло е извор на енергија, а сијаличката е потрошувач на енергија во стручното коло? Непотребно се оптoваруваат со материјал што не е за нивна возраст. Ние родителите доколку сакаме децата да бидат успешни и да го усвојат материјалот мора секојдневно да работиме со нив и практично сме втори наставници и немаме приватен социјален живот од понеделник до петок, секое попладне учиме со децата, вели Александра Јовановска.
И професорката Рабије Мурати се согласува дека честите промени во програмата можат да создадат чувство на несигурност и конфузија кај учениците, недоволно време за адаптација на новите содржини и методи.
„Треба да се имаат предвид потребите и благосостојбата на учениците. Треба да се мисли и на развојот на вештини кај учениците што сметам дека многу малку се обрнува внимание на оваа насока. Секогаш да се има на ум дека на учениците треба да им се збогати образовното искуство и да се подготват за актуелните потреби на општеството“, вели Мурати, која е редовен професор на Педагошки Факултет, при Универзитетот во Тетово.
Таа потсетува дека и наставниците често мораат да се прилагодат на нови наставни планови, што може да биде стресно и да го наруши нивниот професионален развој. Исто така тоа може да доведе и до намалување на мотивацијата и ефикасноста на наставниците во реализација на нивната секојдневна работа.
„Тоа секако има влијание и на квалитетот на образованието, појава на стрес и несигурност од страна на учениците и наставниците како и на оценувањето односно вреднување на постигањата на учениците. Честите промени во наставната програма можат да имаат различни влијанија на наставниците. Иако велиме дека тие даваат можности за имплементација на различни иновации и подобрување на воспитно-образовниот процес, сепак тие во исто време можат да предизвикаат и стрес, фрустрација како и професионални предизвици. Важно е да напоменеме дека промените се спроведуваат со внимание на потребите на наставниците и дека се обезбедува соодветна обука, поддршка и ресурси за да се минимизираат негативните ефекти и да се поддржи успешната имплементација на новата програма, но сепак каков ќе биде крајниот резултат и каков ќе биде исходот на тие промени зависи од многу фактори, како и од успешноста на директна реализација на тие промени во наставниот процес“, истакнува проф.д-р Рабије Мурати.
Од Министерството за образование и наука (МОН) за Тетово инфо на оваа тема велат дека ревизијата на Концепцијата за основното образование е процес кој е започнат и во него учествуваат сите засегнати страни. Според МОН, вклучени наставниците, односно оние кои претходно не биле консултирани и вклучени во креирањето на документот.
„Инаку, на овој процес претходеше одлуката за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение. Причина за тоа се реакциите на наставниците кои во последните две години се соочуваа со бројни предизвици околу начинот на предавање на интегрираните предмети – историја и општество, природни науки и така натаму. Согласно укажувањата, тие никогаш не добиле насоки за тоа како да предаваат, да спроведуваат тестови, да оценуваат и така натаму. Нивните издржани сугестии ќе бидат дел од новите наставни програми што ќе ги подготви Бирото за развој на образованието и етапно ќе се воведуваат од следната учебна година и во наредните две потоа“ се вели во одговорот на Министерството за образование и наука.
Според надлежните од МОН, од постојната концепција, задржано е и продолжува да се имплементира подолг престој на учениците во училиште, воведувањето на повеќе изборни предмети согласно афинитетите и интересите на учениците и слично.
Александар Самарџиев
Со овој текст, Тетово Инфо се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.