СВР Тетово информира за сообраќајна незгода, пријава за повреда и физички напад во семејство.
Вчера (11 септември) во 20 часот и 30 минути во СВР Тетово пријавено е дека на регионалниот пат Желино-Групчин, во близина на Добарски натпатник, патничко моторно возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од 23-годишниот А.Т. од тетовски Копачиндол, излетало од коловоз. Во несреќата, возачот се здобил со тешки телесни повреди, а сопатникот во возилото С.С.(22) од истото село со телесни повреди констатирани во тетовската Клиничка болница. На местото на несреќата увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово.
Триесет и петгодишниот тетовец К.А., вчера во 13 часот во СВР Тетово пријавил дека околу 9 часот и 50 минути на тротоар на улица „Маршал Тито“ во Тетово, врз него паднал Ќ.С.(57) од Тетово, кој управувал велосипед. Притоа, К.А. се здобил со тешки телесни повреди констатирани во тетовската Клиничка болница каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. Увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово.
Ноќеска (12 септември), половина час по полноќ, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 35-годишниот Л.З. од тетовско село, кој претходно бил пријавен дека околу 23 часот физички ја нападнал неговата 28-годишна сопруга. Тој е задржан во Полициската станица Тетово за расчистување и документирање на случајот и против него ќе следува поднесок.