Претставниците на Движењето Антикоцкање од Тетово сметаат дека државните органи треба да најдат работа за 10 илјади луѓе кои се вработени во секторот на игри на среќа.
Тие ова го посочија денес на прес-конференција во Тетово по вчерашниот предупредувачки собир на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа и Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија пред Собранието.
– Ние како Движење Антикоцкање нема да им одговараме на асоцијациите на игри на среќа, но мораме да коментираме дека цело време се држат на тоа дека 10 илјади луѓе ќе останат без работа. Тоа не е точно, зошто и премиерот и сите органи на државата ветиле дека тие луѓе ќе бидат сите вработени во органите на државата. Во кои органи, тоа е нивни проблем, ама нема да остане ниеден без работа. Ако вака ние продолжиме денес имаме работа со 10 илјади, утре ќе имаме работа со 100 илјади. Не може државата да опстане од комарот. Затоа бараме ние под итно овој закон да помине и иако не ги исполнува очекувањата и барањата на Движењето Антикоцкање, но ние сме дале зелено светло дека може да помине овој закон дека од некаде треба да се почне, изјави Јуши Емурлаи од Движење Антикоцкање.
Тие бараат од пратениците пред да се формира техничката влада на 28 јануари 2024 година да се изгласа законот со кој игрите на среќа треба да се оддалечат од образовните установи.
– Ние очекуваме дека во овој пратенички мандат ќе помине, зошто и претходните пратеници од претходните мандати ветиле дека ќе биде на три километри, не успеале тие да реализираат ветување. Ред е да помине оваа идеја на 500 метри подалеку од основните школи до 28 јануари пред да се формира техничка влада, изјави Јуши Емурлаи.
Aсоцијациите и вработените во секторот игри на среќа вчера излегоа на предупредувачки собир и побараа повлекување на неуставните законски измени и бидејќи како што се подготвени доколку бидат изгласани 10 илјади вработение во секторот ќе останат без работа, а при тоа државата ќе остане без повеќе од 280 милиони евра кои секој година се слеваат од индустријата на игри на среќа во државната каса. Доколку измените на Законот за игри на среќа поминат Асоцијациите и вработените најавија масовни протести.