„Работеше како молер, а ми рече дека ќе живееме според традицијата и дека како жена не смеам да излегувам надвор од куќата. И татко ми и мајка ми на почетокот ми рекоа дека треба да ги почитувам одлуките на мажот затоа што и ние ја следиме традицијата. Но, тоа за мене значеше да седам само меѓу четири ѕида. Набргу добивме ќерка и ми рече да се грижам за неа. Јас немав работа и немав плата, а тој не знам што правеше со неговата заработувачка. Немавме ништо дома, продукти и храна ми носеше татко ми. И покрај тоа, трпев ќотек.“
Иако ова се случувало пред 12 години, психичките и емотивните рани на нашата 41-годишна соговорничка се сè уште свежи. За Тетово инфо раскажа како во 2011 и 2012 година се обидувала дасе справи и одбрани од физичкото насилство на сопругот, но и да се нахрани себеси и штотуку роденото бебе за да преживеат.
Во 2011 година се омажила, па по 18 месеци брак, нашата соговорничка чиј идентитет нема да го откриеме поради нејзина заштита, со поддршка на родителите ја напушта брачната заедницата поради семејно насилство и мачен живот на граница на секојдневен глад и налик на затвор. И тие 18 месеци,а и 13 години од тогаш до денес, таа и понатаму живее на работ на егзистенцијата. Преживува благодарение на помошта во јадење, средства за хигиeна и облека што ѝ ја даваат луѓето.
Стапила во брак според народните обичаи, со стројници со човек што не го познавала, а проблемите почнале веднаш. На почетокот, родителите на тогаш 28-годишната жена, ја охрабрувале да биде истрајна и да се обиде да го зачува бракот, велејќи ѝ „што ќе речат луѓето, ако се врати дома“. Стравот дека ќе бидат озборувани како семејство во нивната рурална средина бил поголем од нејзиното страдање. Но, работите само се влошувале.
„Тој не се интересираше за ништо.Дури и кога бебето имаше три и пол месеци, ми се закани дека ќе нè убие двете ако не ја спречам да плаче. Ја грабна колевката и ја извади надвор“, вели жената.
Кога изминала година и половина од бракот, таа добила поддршка од родителите да си дојде дома. Успеала да ги убеди заради тоа што сопругот секој ден ја тепал, а никогаш немало доволно за јадење, хигиена и за облекување.
Жената, со враќањето во домот на родителите, нашла спас од семејното насилство, но и не и од егзистенцијалните проблеми. Ниските пензии на родителите биле единствени примања за сите четворица.
„Се вратив кај мајка ми и татко ми, но седев дома и не работев, затоа што неми дозволуваа од истиот срам „што ќе речат луѓето“ и ми велеа дека треба да седам дома и да се грижам за ќерката. Имам и тројца браќа, но тие се работници и малку можат да нѝ помогнат“, вели нашата соговорничка.
Пред три години татко ѝ починал, па сега ситуацијата е уште потешка. Со ќерката и со мајката која е болна и неподвижна егзистираат од социјалната помош од само неколку илјади денари.Добиваат помош и од браќата и роднините, но сето тоа е доволно за живеење на работ на егзистенцијата, колку да не останат гладни и жедни.
Системски одговор на предизвикот справување со семејното насилство
Стручните лица во Центарот за социјални работи (ЦСР) Тетово велат дека државата има механизми да и помогне на на жена жртва на семејно насилство согласно Програма за реинтеграција на жртви на семејно насилство. Повторното вклучување на жената во општеството според нив има клучна улога во превенција на насилството и се смета дека со овој процес се затвора т.н круг на насилство и се спречува идно насилство врз жени и деца.
Социјалните работници при секое запознавање со случај почнуваат постапката во врска со семејно насилство која се води во три фази – рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција.Во првата фаза се прави процена на ризик и индивидуален план за жртвата. Доколку во случајот има потреба од извлекување на жената од заедницата каде трпи насилство, таа се носи на прегледи во болница и се утврдува дали има потреба од правни и итни мерки како начин на заштита од сторителот на насилството.Доколку има потреба за сместување и згрижување тоа се прави во сигурна куќа или Центар за лица жртви на семејно насилство.
Дел од првата фаза на рехабилитација во насока на обезбедување на економски опстанок почнува со можноста жртвата на насилство да добие еднократната парична помош, бидејќи се оценува дека се нашла во положба на социјален ризик. Легислативата вели дека висината на правото на еднократна парична помош, се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година. Износот може да варира од 4.500 до 30.000 денари. Законот за социјална заштита предвидува и обезбедување еднократна парична помош за жените врз основа на нивниот статус на жртва на семејно насилство и тоа за итна заштита и згрижување во висина од 15.000 денари, како и за здравствена заштита и медицински третман во висина од 12.000 денари.
„Жртвата има право да добие еднократна парична помош со одредена сума ја одобрува центарот. Доколку е материјално необезбедена потоа добива Гарантирана минимална помош, како и можност за износи во вид на Детски додаток и Образовен додаток“, вели Светлана Стаматовска, правничка во ЦСР Тетово.
„Имавме случаи кога одобривме 20-30 илјади денари. Се зависи од процена на ризик. ЦСР работи на тој индивидуален пристап кон секоја жртва, бидејќи потребите на секоја жртва се различни и нивните доживувања се различни. Доколку има здравствен проблем или има и дете со здравствен проблем еднократна парична помош ќе биде во повисок износ“ вели Небахат Имери, психолог во ЦСР.
Следуваат наредните две фази како што се ресоцијализација и реинтеграција, за кои, стручните лица, сметаат дека се клучни за промената на животот на самата жртвата, но истите зависат и од поведението и желбата на жената да успее во намерата.
„Ние во таа програма за следење или индивидуален план ги гледаме нејзините потенцијали и капацитети и можности за зајакнување до реинтеграција. Има моменти кога жртвата не е стабилна и повторно се враќа во насилна средина со нејзина одлука. Ние секогаш сме тука ако се вратат повторно“, вели Зура Етеми, педагог.
Директорката на ЦСР Тетово и воедно социјален работник Магдалена Веселиноска додава дека тешко оди ако некоја жртва не сака да се разведе, па нема како да почне да добива парична помош. Но, според неа има и голем број успешни случаи, кога жртвата целосно го променила животот.
Вработените споделија основни информации за жена која преживеала семејно насилство, во кој сопругот бил сторителот, инаку зависник од наркотици. Таа била бремена со трето дете, кога се одлучила да го напушти домот.
„Центарот постапи веднаш. Оценет беше висок ризик, таа беше сместена во центар за лица жртви, соработуваше со нас, пружена и беше психо-социјална помош и поддршка. Го роди и третото дете во центарот за лица жртви, доби еднократна помош и родителски додаток за трето дете. Моментално, по една година во Центарот за лица жртви сега си најде работа, во друг град, во нова средина и има нов живот. Така е успешно е направена рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција“ се потсети на случајот правничката Светлана Стаматовска.
Но сепак, државниот буџет не е „дарежлив“ за жените кои преживеале семејно насилство, а се невработени и се соочиле со ваков предизвик. Така познатата месечна социјална помош (Гарантирана минимална помош) изнесува 5.261 денар за еден месец. Ако жената има едно дете, детскиот додаток изнесува 526 денари за едно дете на месец.Образовен додаток се дава на мерни периоди и изнесува во моментот 2.762 денари за три месеци доколку детето е во основно, како и 3.945 денари доколку е во средно училиште.
Податоците од истражувањето на Здружение ЕСЕ за трошоците со кои се соочуваат жените како резултат на семејното насилство покажуваат дека во неповолна финансиска положба се дури и вработените жени кои во голем процент остваруваат ниски месечни приходи во висина на минималната плата во државата (Висината на минималната плата во бруто-износ во Република Северна Македонија, започнувајќи со исплатата на платата за месец март 2024 година изнесува 33.352 денари или нето од 22.567 денари).
„Сметаме дека економската димензија на семејното насилство и неповолната финансиска состојба на жените е занемарена во рамките на досегашниот пристап на државата. Жените се соочуваат со многу високи трошоци како резултат на семејното насилство, како што се: изгубената работа и намалена заработувачка, здравствените трошоци, трошоците поради промена на местото на живеење и други видови трошоци. Месечните приходи кои ги остваруваат не се доволни за надоместување на овие трошоци и затоа над 90% од жените се приморани да се задолжат со банкарски кредити или да позајмат финансиски средства од нивните роднини и пријатели. Со ова се зголемува нивната финансиската нестабилност и се ограничуваат можностите за обезбедување на соодветни услови за живот за нив и нивните деца. Истовремено, финансиската поддршка од страна на државата е недоволна и не е достапна на сите жени што преживеале семејно насилство. Затоа е потребно усвојување на посебни мерки за обезбедување на финансиска поддршка согласно потребите на жените и нивните деца по разводот или разделбата“, изјави Стојан Мишев од Здружение ЕСЕ.
Нашата соговорничка, 41 годишната жена од тетовско село, вели дека таа само последниве пет години прима социјална помош, како и детски и образовен додаток. Успеала да посетува обука за готвачка во време од три месеци, кога и добивала по 9.000 денари.
„Би сакала да работам, затоа што сега ваква повеќе седам дома, имам повеќе стрес, размислувам за судбината што ме снајде. Ако имам работа барем во дел од денот ќе мислам на тоа. Се надевам дека кога ќе почне девојчето да оди во средно школо, ќе можам да одам и јас во градот со неа заедно и да работам. Вака ни е многу тешко“, вели таа.
Министерството за социјална политика, демографија и млади врз основа на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство во март 2024 година донесе Програма за реинтеграција на жртви на семејно насилство. Таму се елаборира дека економско јакнење на жените кои преживеале насилство преку нивно вработување е клучно за успешна реинтеграција.
„Она што е важно за оваа ранлива категорија е да се креираат работно места согласно нивните индивидуалните и специфични потреби“, се вели во Програмата.
Истата предвидува повеќе програми за невработени лица, жртви на родово базирано и семејно насилство преку самовработување, субвенционирање на плати, обука на работно место со субвенционирано вработување, вклучување во дополнителни обуки за побарувани занимања и занаети и обука за стекнување на вештини. Со програмата се предвидени и можности за образование- довршување на формално основно или средно образование или пак програмите за образование на возрасни лица.
Насилството да не се премолчува како што тоа било случај во минатото, велат од граѓанската организацијата Женски форум од Тетово од каде со децении им се помага на жените кои имаат ваков вид на неволја.
„Ние долги години даваме бесплатна правна помош за жртви како директен начин за спречување на семејното насилство. Исто така, постојано со активности и мерки сме насочени во подигнувањето на свеста за постоењето на семејното насилство, но и потребата да жртвите да го пријавуваат. Долгогодишното искуство ни покажува дека медиумите се нашите најголеми сојузници. Има ситуации кога жена жртва не може да дојде до нас, но преку новинарските објави до неа стигнуваат клучни информации – што, како, кога и каде да направи за да се оттргне од семејното насилство. Медиумите се важни за да ја подигаме свеста и кај мажите со цел да не бидат сторители“, вели Слаѓана Тодоровска од Женски форум.
Сите засегнати страни се единствени во ставот дека клучно во борбата против семејното насилство е пријавувањето, како до институциите, така и до невладините организации. Жените да пријават и да бидат истрајни. Без пријавување семејното насилство останува како лошо секојдневие во домот на жртвата. Семејното насилство треба да „излезе“ надвор од семејството, да се надмине предрасудата дека е срамота. Бидејќи, тоа не е само семејна работа, туку општествен проблем, кој се санкционира со закон, а претставува и кршење на човековите права. Се казнува како кривично дело, за кое се предвидени и затворски казни.
Александар Самарџиев
Оваа сторија е подготвена во рамки на проектот „Откријте, ангажирајте, поттикнете: застапување против семејното насилство“, кој Здружението ЕСЕ го имплементира со поддршка на Француската амбасада во Скопје.