Најновото 33-то издание на Меѓународен хорски фестивал на православна духовна музика ТЕХО ќе се одржи на 29 и 30 јуни, оваа сабота и недела. Ќе бидат изведени вкупно 45 композиции од осум хорски состави.
Во соборната тетовска црква Свети Кирил и Методиј во сабота со почеток во 19 часот ќе биде првата фестивалска вечер.
„На првата вечер во сабота ќе настапат четири хора. За првпат детскиот хор „Лале“ оваа година ќе настапи со православна духовна музика. Овој хор е од 1979 година, редовен учесник на фестивалот ТЕХО, но сега се вклучува и во православната духовна музика. Со хорот овој пат ќе диригира Теодора Ветероска, членка на хорот којашто израсна во хорот, заврши факултет за музичка уметност и се даде можност да се претстави како диригент и така да продолжи традицијата ќе настапи со 4 композиции, истакна претседателот на фестивалот Ивица Зориќ на денешната прес-конференција.
Хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, со диригент Димитар Угриноски за прв пат ќе учествува на фестивалот.
„Ова е нов хор и затоа прв пат настапува. Негува традиционална духовна музика и диригентот на наше големо задоволство е човек кој своето образование го стекнал во Грција и ќе пренесе искуства од земјата, каде што православната духовна музика и те како е мошне значајна. Потоа ни доаѓа Нишки камерен хор од Ниш, Србија со диригент Ивана Милошевиќ. Ќе настапи и мешаниот хор „Стив Наумов“ од Битола под диригентство на Лилјана Трајковска Димески, хор учесник од првото ТЕХО од 1973 година, во континуитет хор застапен на нашиот фестивал, рече Зориќ.
Вториот дел од фестивалот ќе се одржи наредниот ден во Духовно-културен центар „Кирил Пејчиновиќ во Лешок каде хоровите ќе настапуваат со почеток од 12 часот. Хорското музичко друштво „Коста Рацин“ од Скопје се првите хористи кои ќе се претстават пред публиката. Прв пат хорот како диригент ќе го води Ангелина Спасовска.
„Следува настап на камерниот хор „Керамија“ од Прилеп под раководство на Катерина Попоска, Градскиот камерен хор „Астибо“ од Штип со диригент Ивана Ѓурѓевиќ Јанков и на крајот традиционално хорот „Менада“ под мое диригентство ќе ја затвори оваа овој фестивалски ден“, истакна Ивица Зориќ.
Оваа година, како новитет на ТЕХО фестивалот е изложба и презентација на роднокрајните книжевни дела кои ќе бидат изложени во недела во Лешок.
„Ние се трудиме да ова културно жариште и духовно место го оплемениме со нови содржини, ќе имаме отворање на изложба и на катче на роднокрајни литературни дејци, така да сите оние во Тетово коишто објавиле некое литературно дело без разлика дали е поезија или проза и драма, нивните дела ќе бидат истакнати таму. На наше големо задоволство е што оваа година, благодарение на луѓето коишто водат сметка ќе биде изложена оригиналното дело „Огледало“ на Кирил Пејчиновиќ од 1816 година. Ова е фотокопија од насловната страница, но тие што ќе бидат посетители па ќе можат во живо да ја видат оригиналната книга, со каков повез е истакната и тоа е на некој начин коренот на литературната дејност, на овие наши простори, истакна претседателот Зориќ презентирајќи ја фотокопијата.
На фестивалската брошура каде е напишана програмата, годинава има текст од авторката Милена Илиевска, за значењето на духовната музика. Со настапот на хоровите во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ во Лешок ќе се одбележи и јубилејот десет години од постоењето.
Досега на сите изданија на ТЕХО настапиле 300 хора.
ас