По одржаната трибина пред една недела кога беше даден отчет од новото раководство на ФК Тетекс, две компании се одзваа на повикот и мисијата, воздигнување на клубот на повисоко ниво. Од клубот велат дека со ова двете компании покажаа доверба во нивната мисија и се приклучија на заедничката борба за ФК Тетекс и за подобрување на спортот во Тетово.
– Со големо задоволство може да соопштиме дека после остварената спонзорска соработка со фирмата брендот Ментос од пред неколку дена, денес постигнавме договор со уште една фирма Букс мебел што се понуди финансиски да помогне во реализацијата на нашиот проект и иницијатива за ФК Тетекс што изминатава година со сите тешкотии успешно ја тераме. Ова е вистински успех за нас и затоа сакаме да ја изразиме нашата благодарност кон нив. Нивната поддршка е од суштинско значење и ќе придонесе кон нашиот успех и реализација на нашите цели. Се надеваме дека и другите општествено одговорни компании ќе го следат примерот на овие две компании и позитивно ќе одговорат на барањата на управата на ФК Тетекс. На крајот сакаме да додадеме дека без компаниите, без Војводи и без сите останати поддржувачи се ова немаше да биде можно, и сме бескрајно благодарни за поддршката што ја добиваме, истакнуваат денес во соопштени од ФК Тетекс.
Во недела 12 ноември на стадионот на АМС на Спортскиот центар во Тетово, Тетекс игра со Пелистер во рамки на редовното 12 коло. Воедно навивачката група Војводи ќе одбележи 35 години постоење. Тетекс е на седмата позиција на табелата со 17 бодови.