ФК Тетекс со победа во последното коло избори бараж за опстанок во Втората лига
Фудбалерите на Тетекс извојуваа значајна победа од 4-3 над ФК Арсими од Врапчиште за да играат бараж за опстанок во Втората лига. Со оваа победа Тетекс го освои 13-тото од 16-те места во Втората лига. Од 30 натпревари освоени се 31 бод, преку девет победи и четири нерешени фудбалски дуели.
Од Втората лига испаѓаат Борец од Велес, Слога од Виница и Локомотива Пехчево. За влез во Втората лига шест екипи ќе играат бараж натпревари. Тоа се пет екипи кои се прваци во петте трети лиги и Тетекс како екипа која обезбеди бараж со пласманот во Втората лига.
Во баражот покрај Тетекс ќе играат Новаци, Вардар Неготино, Осогово Кочани, Башкими и Влазними Кичево. Фудбалската федерација со ждрепка ќе одреди три натпревари, а дополнително треба да се определи датумот и местата каде што ќе се играат дуелите.