Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денес го објави истражувањето „Трошки за здруженија на граѓаните во општинските буџети“, за кое во Тетово беше организирана и конференција со цел да се разговара за начините на кој може да се подобри соработката помеѓу локалните самоуправи, невладините организации и новинарите во борбата против корупцијата на локално ниво.
Истражувањето открива дека општините преку буџетската ставка 463-наречена „Трансфери до невладини организации“ во 2022 година доделиле 6,6 милиони евра. Притоа, над 90% од парите се доделени на спортските клубови, кои според Центарот, се миленици на локалните власти и во одредени општини добивале и по еден милион евра годишно.
Според Марко Митевски од ЦГК само 0,1 отсто од општинските буџети се наменети за невладините организации, а од тие средства најмалку има за организации кои работат во полето на борба против корупција.
– Може да се заклучи дека тие претежно одат за организации коишто работат во областите како социјална заштита, култура или животна средина, а оние организации кои се одделуваат во однос на борба против корупцијата и зголемување на транспарентноста во работењето на општините, не добиваат речиси никаква поддршка од општините. Морам да нагласам дека ставот не е дека не треба на спортските клубови да се даваат да се даваат финансиски средства напротив. Меѓутоа, сметаме дека тие треба да бидат доделувани од друга буџетска ставка. Не од ставката која се нарекува трансфери до невладини организации или пак оваа ставка да биде преименувана, изјави Митевски за медиумите.
Истражувањето покажало дека повиците за доделување финансиска поддршка за НВО се објавуваат на веб-страниците на општините. Но, во нив, најчесто, не се наведени целите на повикот, висината на средствата, ниту критериумите за избор на предлог-проектите. Поголем дел од општините не ги објавуваат јавно имињата на организациите кои добиле буџетска поддршка, ниту износот на доделените средства и нивната намена.
– Со овој пристап општините не овозможуваат транспарентен и фер пристап до средствата, како и увид во начинот на кои тие се трошат – со што се отвора простор за злоупотреби и корупција. Така да пред сè мора да се поработи на тоа. Организациите, односно јавноста не може да дознае кои организации добиле средства со која намена и кој е износот, посочи Митевски.
Од осумте општини истражувањето е направено и за Општина Тетово, која во 2022 година донела одлука за финансиска поддршка на 34 организации, во вкупна вредност од речиси 3,5 милиони денари, односно 57 илјади евра, но исплатен е само еден грант во вредност од 40 илјади денари, односно 650 евра.
– Во прилог на одговорот на барањето за пристап до информации од јавен кaрактер општината достави листа на 34 организации на кои им биле доделени од 15 илјади до 330 илјади денари, или вкупно 4.825.980 денари (78 илјади евра) во 2022 година. По увидот дека во завршната сметка за 2022 година како реализирани средства од буџетската ставка 463 стојат само 40 илјади денари (650 евра), дополнително ја контактиравме општината барајќи објаснување за несогласувањето на податоците, на што ни беше одговорено дека средствата од доставената листа всушност не се исплатени, а дека се исплатени само 40 илјади денари на здружение кое воопшто не е на доставената листа. За 2023 година, општината имала предвидено средства во висина од 2,46 милиони денари, што е зголемување за 48%, кое не би значело ништо доколку, како и оваа година, најголемиот дел од планираните средства останат неисплатени, се вели во истражувањето.
Во завршните препораки на истражувањето ЦГК вели буџетска ставка, Трансфери до невладини организации, да се преименува.
– Од причина што дури 91% од финансиските средства од буџетската ставка 463 се доделуваат на спортски клубови, а најголемиот дел од нив на клубови кои се регистрирани како акционерски друштва, потребно е исплатите кон овие клубови да се вршат преку друга буџетска ставка, или, пак, оваа. Со досегашната практика се добива погрешна слика дека здруженијата на граѓани добиваат значителна сума од општините, што во реалноста воопшто не е така, велат од ЦГК во препораките.
Во една од препораките се вели дека за градење силно и независно граѓанско општество, од клучно значење е поддршката да се овозможува во транспарентна постапка и да не се остава простор за фаворизирање активности кои, наместо јавниот интерес, ги штитат тесните партиски интереси на локалните власти.
ас