Тетовското драмско студи Летечка театарска трупа овој месец работи на две премиери „Ивица и Марица“ како и „Сомнително лице“
Премиерната приказна за Ивица и Марица беше изведена на 1 април, а пред публиката беше прикажана храброста на овие две деца и нивната пожртвуваност за семејството. Претставата имаше и втора изведба следниот ден на 2 април кога ја погледнаа и ученици од тетовските основни училишта.
„Нашата „Ивица и Марица“ претставува поинакво гледиште на оваа традиционална сказна, која во нашиот случај е само позајмена и искористена како патека за пласирање на идејата за здрава, домашно произведена храна како силен предуслов за здрав човек и успешна личност. Нашата преработка на сказната вклучува комични и возбудливи елементи без вметнување современ наратив со што се зачувува едноставноста и леснотијата во раскажувањето на приказната што води кон лесна приемчивост кај најмладата публика. Претставата има и елементи на мјузикл, со песни кои ги исполнуваат дел од актерите“, вели режисерот Владимир Јованоски.
Оригинални костими, живописна сценографија и соодветна музичка илустрација се присутни на театарската претстава „Ивица и Марица“. Најважно е што најмладата публика јасно ги воочила клучните пораки од претставата за позитивните и негативните човекови особини, смета режисерот.
„Сказната за Ивица и Марица треба да придонесе кон зајакнување на традиционалните детски карактерни особини како вредноста и послушноста. Преку театарската игра ѝ се даде јасна порака на најмладата публика дека негативните ефекти од нездравиот начин на живот и исхрана носат опасности и последици со кои понатаму во животот ќе треба да се соочат. Паралелно со ова, очекуваме да се подигне цивилизациската свест кај најмладата генерација за наклоност кон уметноста, омасовување на театарската публика преку градење навика на родителот да го носи своето дете на театарска претстава, а со тоа создавање здрава и културно изградена публика“, вели Јованоски.
Театарската претстава „Ивица и Марица“ е поддржана од Министерството за култура преку годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес за 2024 година.
Комедијата „Сомнително лице“ на Бранислав Нушиќ е втората премиера на ЛТТ. Ќе се игра во вторник на 9 април во 19 часот во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“.
„Се работи за преработка на Нушиќевата безвременска комедија која е така приспособена за од неа да можат да извлечат животна поука како младите, така и возрасната публика. Нашата преработка на „Сомнително лице“ треба да придонесе кон зајакнување како на традиционалните, така и на современите позитивни човекови вредности, мудро канализирани во младешката бунтовност, позитивни промени, следење на современите текови, почитување на веќе воспоставените вредности и осознавање нови, изјави режисерот на оваа претстава Зоран Јованоски.
Втората изведба на „Сомнително лице“ е во четврток на 11 април во 19 часот во НУ ЦК „Иљо Антески Смок“ во Тетово.
ас
фото ЛТТ