Полициски службеници на СВР Тетово, вчера (18 февруари) од 14 до 19 часот спроведоа акциска контрола за брзина со која се движат возилата, во која биле изречени вкупно 108 мерки (ТЕ-68 и ГВ-40).
При контролата биле откриени и санкционирани 63 возила, односно возачи (ТЕ-42 и ГВ-21) кои ја пречекориле максимално дозволената брзина надвор од населено место, најмногу на автопатот Скопје-Тетово-Гостивар, од кои 4 (ТЕ-3 и ГВ-1) за над 70 километри на час, а 17 (ТЕ-9 и ГВ-8) за над 50 километри на час.
Покрај ова, санкционирани се и 45 пречекорувања на пропишаната брзина (ТЕ-26 и ГВ-19) во населено место, како и 13 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-6 и ГВ-7).
На сите возачи-прекршители изготвени им се поднесоци со парични глоби кои, зависно од големината на пречекорувањето, се движат од 45 до 400 евра во денарска противвредност.
На оние кои пречекориле за повеќе од 50 километри на час времено ќе им бидат одземени и нивните возачки дозволи од три месеци до една година.
Секторот за внатрешни работи Тетово и во наредниот период ќе продолжи со контроли на брзината со која се движат возилата, зашто години на ред неприлагодената брзина според условите на патот е причина број еден за најголемиот број од сообраќајните несреќи на тетовско-гостиварското подрачје. Минатиот месец, на пример, само на тетовското подрачје биле изречени вкупно 465 мерки за брзина, а овој месец досега 388 мерки.