ЈП за државни патишта: Aктивностите за реконструкција и проширување на автопатот Тетово-Гостивар, дел од Коридор 8, се одвиваат според предвидената проектна динамикa
Јавно претпријатие за државни патишта денес одговори на прашањето на Тетово инфо за тоа кои работи, мерки и процеси досега до април 2024 се преземени за најавеното реконструирање и проширување на автопат Тетово-Гостивар, дел од Коридор 8.
Процедурите и постапките поврзани со документацијата се завршени, а тековно се работи на експропријација
„Aктивностите за реконструкција и проширување на автопатот Тетово-Гостивар, дел од Коридор 8, се одвиваат според предвидената проектна динамика. Усвоен е урбанистички план за целата траса на автопатската делница Тетово-Гостивар и за локалниот регионален пат, што претставува основа за сите активности. Експропријацијата на земјиштето се врши во согласност со предвидените постапки согласно со донесениот закон за Стратешки партнер Бехтел и Енка за изградба на автопатските делници од Коридорите 8 и 10. Во тој контекст, завршени се разговорите со сите јавни претпријатија кои имаат свои мрежи и инсталации во тој зафат и воспоставена е соработка за да се планираат и да се изведат сите неопходни дислокации на инсталациите, соопштија од ЈПДП.
Според одговорот на Јавно претпријатие за државни патишта веќе има и градежни работи, но не посочено на кој дел од трасата.
„Завршени се темелните геомеханички испитувања на трасата на која ќе се гради патот, кои заедно со завршените геодетски работи овозможија да се дефинира нивелетата на автопатот и на новиот помошен регионален пат, со што веќе е одобрена првата фаза од проектот согласно со која може да се започне со градежни активности. Одобрени се проектите за темелење на натпатници и веќе се работи на изведба на темели на еден од нив. На повеќе локации во близина на трасата веќе се складираат материјали за насип, со што ќе бидат веднаш подготвени за вградување. Наведените активности укажуваат дека почетокот на градежните работи е започнат и дека многу скоро не очекува вистинска градежна офанзива во изведбата на автопатската делница Тетово-Гостивар од Коридорот 8“, се вели во одговорот на Јавно претпријатие за државни патишта.
Вчера измина една година по поставувањето на информативна табла со натпис дека е поставен камен темелник за обнова на оваа делница.