Градоначалникот на Тетово Биљал Касами денес беше домаќин на косовскиот премиер Албин Курти во општинската зграда, а потоа заминаа во планинското селото Вејце каде беше организиран пречек од мештаните. Градоначалникот и премиерот дадоа изјави за медиумите само за можноста за поврзување на Тетово и градот Призрен во Република Косово со изградба на нов пат кој би минувал низ Шар Планина.
Биљал Касами истакна дека ако централната власт нема интерес, како локална власт ќе прави обид да се реализира идејата за пат Тетово-Призрен.
– Ако Владата нема интерес да се реализира делот од патот Тетово-Призрен согласно студијата и веќе договорените работи со Владата на Република Косово ние како локална власт во рамките на нашите надлежности и нашите можности нема да стоиме со скрстени раце, ќе работиме како што веќе инвестиравме на овој важен дел од седум километри на патот од Селце до Вејце за да го правиме и другиот дел. И во тоа ќе бидеме во блиски контакти и со Владата на Република Косово и со локалната власт во Призрен за да се реализира овој дел. Исто така, ние ги охрабруваме од Владата во Република Северна Македонија да работат сериозно во делот на реализацијата на патниот правец Тетово-Призрен согласно студијата која е направена и согласно договорите кои се договорени, истакна Биљал Касами.
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека економскиот развој и развојот на инфраструктурата не треба да биде резервиран само за урбаните зони и за градовите, туку треба да биде и за рурален развој. Според него тоа се прави и во Косово и во Северна Македонија.
– Сме кажале неколку пати дека од небо се гледа дека Тетово и Призрен биле еден град, но кога Господ ги симнал на земјата, Шар планина ги поделил и ги направил два града, Призрен и Тетово. Се разбира дека оваа улица што ја видовме тука е внатрешна улица на Тетово, но ние имаме голем интерес за побрзо чекорење кон инфраструктурното поврзување преку патот кој предвидува и еден тунел, на Призрен и Тетово, коишто на небо се еден град но на земја се два града. Врз база на пресметките не е една голема сума, но враќањето на оваа инвестиција е невообичаено затоа што се добива патот се крати времето, а придобиваат и граѓаните и економијата, истакна Курти.
Тој потсети дека за патот што треба да ги поврзе Призрен и Тетово веќе има договор помеѓу двете земји.
– Беше потпишан од страна двајцата премиери, односно од мене и од мојот македонски колега, господинот Ковачевски. Се надевам дека оваа физибилити студија ќе се пласира што побрзо на реализација на овој голем регионален проект кој ќе има голем придонес во развојот на двете земји. Се согласивме и со поранешниот премиерот, Зоран Заев, и со сегашниот премиерот Димитар Ковачевски за што побрзо поврзување на овој планински пат, истакна Курти.
Заменик министер за инфраструктура на Косово, Хисен Дурмиши истакна дека покрај физибилити студијата има и две заеднички комисии помеѓу двете држави со коишто ја одбрале варијантата со најдолгиот тунел со 6,4 километри.
– Со цел овој пат да може да функционира и во тешките зимски услови кога има големи врнежи од снег, но сме оделе и со многу пониска надморска височина. Излезот на косовската територија е во селото Манастирица. Ние во Косово сме подготвиле и главен проект од излезот на тунелот се до вклучувањето кон автопатот „Ибрахим Ругова“, пат од 22 километри, со тоа што кога ќе се изгради тунелот и патот, да не се оптовари влезот во градот Призрен, за жители од Тетово, Гостивар и другите градови кои ќе го користат овој пат, но нема да им биде Призрен како дестинација, така што тие нема да имаат потреба воопшто да влезат низ градот. Овој е пат е од големо значење и за развојот на туризмот, но и за зближувањето на двата града, Призрен и Тетово, како и за економскиот развој овие градови затоа што се крати патот во голема мера, рече Дурмиши.
Касами и Курти не сакаа да одговорат на прашања за политичките актуелности во двете држави.
ас