Во рамките на проектот „Костенот заштитник на Шар Планина“ како подгрант на проектот „Одржливо искористување на природните ресурси во Кораб- Коритник, Шара и Албанските Алпи, спроведуван од ЦНВП Северна Македонија, а со финансиска подршка на ПОНТ, ја објавуваме правата медиумска содржина во рамките на медиумската кампања за подигнување на заштита на природните ресурси на Шар Планина, со посебен акцент на костенот.
За таа цел во изминатиот период се анкетираа и испитаа ставовите на младите од Полошкиот регион за тоа колку тие се заинтересирани за одгледување на костенот, а од друга страна преку оваа содржина сакаме да го осознаеме и ставот на наставниците и стручните лица за тоа колку темите поврзани со костенот се застапен во наставните програми во училиштата се со цел да се зголеми импактот кај младите за подигување на свеста за важноста на овој ресурс – Костен, значаен за Полошкиот регион. Целта на оваа медиумска содржина е да се детектира моменталната состојба со вклученост на темите поврзани со костенот во наставите програми во училиштата, но и да се зголеми свеста кај младите за одгледување и собирање на Шарпланински костен и придобивките кои би ги имале од негово одгледување
Една прошетка низ блиските шуми на Шар Планина во есен е доволна децата да најдат костени, да ги прашаат родителите и да научат нешто за овој плод. Така дознаваат дека тој плод созреал па затоа паднал од дрвото на земја и може да се јаде, а воедно научуваат дека костенот може да се свари или испече за да се изеде.
Но знаење за костенот, може да добијат ограничено, само колку и самите нивните родители од претходно осознале за овој вид на плод. За тоа дали децата како ученици за костенот можат да научат нешто повеќе и на училиште согласно наставната програма ги прашавме учителките во основните училишта и наставниците во средните училишта во Тетово.
Очигледно е дека за костенот нема посебни лекции, па така и за него не се учи засебно, туку општо кога се стекнуваат првичните знаења за растенијата и плодовите. Сепак, кога доаѓа на ред лекција за есенските плодови, уште во првите четири одделенија во основното образование, учениците осознаваат основни информации за костенот. Според учителките, се прават цртежи и се пишуваат основните описи, а има и текстови по мајчин јазик во кои од литературен аспект се обработува костенот како специфичен есенски плод.
Одделенските наставнички со кои разговаравме велат дека новата концепција за основно образование, нема предвидено посебна лекција за костенот, бидејќи во предметот Природни науки се учи поопширно за растенијата, животните и луѓето.
Во претходниот систем од осумгодишни основно образование од прво до четврто одделение, за шумски дрвја се учело уште од прво одделение во предметот Запознавање на природата и општеството, а потоа и во предметот Запознавање на природата. Во рамки на предметот Природа се спомнувале шумските дрвја како примери на растенија.
„Единствено за костенот учениците на училиште стекнуваат знаења во рамки на слободни активности. Пример кога учиме на час за растенија, па се разговара за растението костен и така учениците се запознаваат со тоа што е костен како и кои се неговите карактеристики. Цртежите или разните изработки на тема костен, придонесуваат учениците добро да ја запаметат темата, па потоа некои од нив во зависност од афинитетите и самите продолжуваат да истражуваат за костенот, ни објасни одделенската наставничка Ирена Симовска од ОУ „Братство-Миѓени“ во Тетово.
Со предметната наставничка по биологија од ОУ „Лирија“ Виолета Трајковска разговаравме на тема, што е корисно за децата на возраст од шесто до деветто одделение да научат за костенот.
„Во сегашната програма по биологија, многу мал дел е посветен за растенија, па меѓу другите растенија спомнуваме и за костен. Во Македонија костенот најзастапен е на Шар Планина и Беласица. Во тетовско Беловиште се организира и „Костенијада“ со цел да се промовира костенот и неговото значење. Костенот е во исто семејство со даб и бука“, вели Виолета Трајковска.
Во нашата држава костенот што го има во шумите се нарекува питом костен затоа што плодот може да се јаде.
„Не е сроден со дивиот костен којшто е распространет по паркови. Цветовите на дивиот костен се со големи соцветија кои имаат прекрасен мирис кој ги привлекува пчелите, кои воедно и го опрашуваат. За разлика од дивиот костен, цветовите кај питомиот костен се распоредени во реси, при што има машки и женски реси со опоен мирис, кои ги привлекуваат пчелите и се значајни за добивањето на костенов мед кој е со горчлив вкус, но доста корисен за лекување на респираторни заболувања“, објаснува наставничката.
И дивиот и питомиот костен се од големо значење за луѓето.
„Плодот на питомиот костен содржи големо количество на скроб, па познато е и костеново брашно кое се користи при производство на слатки. За разлика од него, плодот на дивиот костен не е за јадење и се користи во фармација за добивање на креми за проширени вени“, вели Трајковска.
Во разговор со професор по биологија во едно од тетовските средни училишта дознаваме и за еден куриозитет.
„Питом костен се нарекува тоа костеново дрво чиј плод се јаде, што е собран од шума, а всушност тоа е див костен, бидејќи е дрво кое никој не го сади наменски туку во шумите расте само. Див костен се нарекуваат дрвјата низ градот, покрај училишта, а всушност тие дрвја се наменски насадени. Тие се високи дрвја и така создаваат и поголема сенка и придонесуваат за збогатување на биолошката разноликост во градовите“, ни раскажа професорот по биологија.
Наставниците посочуваат дека за својствата на костенот важно е младите да знаат дека како плод складира шеќери во семето за разлика од на пример спанаќот кој складира шеќери во листовите.
„Во основно и средно училиште се учи за поделба на растенија, поради обемната материја. Подетално се учи на факултет. Биологијата во основните училишта терминологијата ја обработува во три дела растенија и нивните процеси, животни и човек. 72 часа има годишно биологија па и тоа не е доволно посебно да се обрати одредено растение“ вели професорот по биологија.
Наставниците се согласни дека може и повеќе да се изучува костенот, но сепак тоа зависи од Бирото за развој на образованието каде се води процесот за изработување на учебници. Исто така, во посочуваат дека така ќе се унапреди и подигне јавната свест за костенот кој е мошне карактеристичен за Шар Планина и важен од аспект за одгледување и зачувување на видот, со оглед на болестите со кои се соочува.
Костенот го нема во наставните програми. Ако ги имаат знаењата за костенот уште од најмала возраст, се смета дека децата, ученици и млади-ќе имаат развијат поголема свест за важноста, па и еден поинаков однос заштитнички однос кон ова растение со оглед на постојаната девастација со која се соочуват природата и климатските промени. Добро е да дознаат за неговите позитивни особености, дека е важен за биолошката разноликост но и дека во одредени сегменти е добар и за човекото здравје и добробит. Ако ученици дознаат и за предизвиците со кои се соочува костенот, тие како потенцијални академски граѓани, може да се насочат кон научното изучување и наоѓање на начини за негова заштита.
Александар Самарџиев
фотографии преземени од веб портал https://pixabay.com/
Поддршката на ЦНВП за производство на оваа медиумска содржина не претставува одобрување на содржината која ги одразува само гледиштата на авторите и ЦНВП не може да биде одговорен за каква било употреба што може да се направи на информациите содржани во неа.