Соопштение на СВР Тетово 31 јануари 2024
Полициски службеници на СВР Тетово вчера (30 јануари) околу 11 часот и 30 минути, на улица „Благоја Тоска“ во Тетово лишиле од слобода двајца малолетници од Тетово. Тие се сомничат дека пред неколку дена во Скопје противправно одзеле патничко моторно возило „хонда“ и без регистарски ознаки и дозвола го управувале. Двајцата се задржани во Полициската станица Тетово, а возилото му било вратено на неговиот 35-годишен сопственик А.Ј. од Скопје. По целосно документирање на случајот против малолетниците ќе следуваат соодветни поднесоци.
Триесет и осумгодишен тетовец вчера (30 јануари) во 11 часот и 20 минути во СВР Тетово пријавил дека бил измамен од Д.А.(37) од Република Турција со кого пред десетина дена се договориле да му набави производни машини од Турција и на кого во три наврати му дал пари. Според пријавеното, тој ниту ги добил машините, ниту му ги вратил парите, а веќе и не му се јавувал на повиците. Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.
Четириесетгодишниот тетовец Љ.Ј. ноќеска (31 јануари), десетина минути по полноќ, во СВР Тетово пријавил дека половина час пред тоа на улица „Благоја Тоска“ во Тетово, неговиот малолетен син физички бил нападнат од Б.Ќ.(35) од Тетово. Се расчистува и документира случајот.
Полициски службеници на СВР Тетово, денеска (31 јануари) околу 8 часот и 10 минути во тетовски Требош го лишиле од слобода 23-годишниот Ш.С. од ова село поради сомнение дека извршил кражба на акумулатори од товарни возила и работни машини, сопственост на градежна фирма од тетовско Желино, кои потоа ги нудел за продажба на други лица. Се расчистува и документира случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
Вчера (30 јануари) околу 16 часот и 10 минути, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 32-годишниот Ч.Б. од тетовски Бродец. Тој претходно бил пријавен од неговата поранешна 41-годишна партнерка од Тетово дека и по прекинувањето на врската продолжил да ја следи, малтретира и да ѝ се заканува. Задржан е во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот.