Власта да покаже повеќе разум и да ги прифати барањата на пензионерите, побара лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес од тетовска Брвеница, одговорајќи на новинарско прашање. Тој не го прифаќа ставот на власта дека нема простор за решение.
– Па видете од власта велат дека нема простор за договор затоа што потрошија 200 милиони евра а од тие 200 милиони евра, гледате дека нема ниту лопата, гледате дека не е ископан ниту еден ров за оној капитален проект, и тоа се пари коишто завршуваат најчесто во приватни џебови како резултат на провизија и затоа нема за пензионерите. Јас веднаш повикувам на состојба кога треба да се разговара со пензионерите, тие ја имаат нашата поддршка, ја имаат мојата поддршка, и очекувам дека ќе се вразуми власта и дека ќе постапи според потребите на пензионерите бидејќи инфлацијата, скапиот живот и ова што се случува практично го уништува на дневна основа стандардот на граѓаните и пензионерите, нагласи Мицкоски од Брвеница каде беше во рамки на партиската кампања „Ова е Македонија за сите“.
Земјоделците за оваа Влада се маргинална група, беше ставот на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање за проблемите со откупот на пиперките и грозјето.
– Но, добрата вест е што набрзо од денес оваа влада ќе биде во опозиција. На идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш во минатото во фокус и било работењето, но исто така и земјоделците како наши сограѓани. Многу е важно тие да произведуваат она со што ние се развиваме како држава, да произведуваат доволно храна за нашите потреби, но и за извоз, рече Мицкоски.
На крајот тој заклучи дека „не треба да се биде голем аналитичар и да се види дека за жал 6 години земјоделците се уништувани од Владата на СДСМ и ДУИ или ДУИ и СДСМ како сакате“.
ас