За новите административни простории на Музејот на тетовски крај во поранешниот Дом на Армијата вложени се 4,5 милиони денари, информираше денес министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Министерката која го посети Тетово заедно со министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, информираше и дека Министерството за култура има одвоено над 14,5 милиони денари во тетовските културни установи.
-Во 2023 година се инвестирани речиси 147 милиони денари, од кои најголем дел се наменети за изградба на капиталниот објект наменет за театар и библиотека во Тетово. За во следната 2024 година се планирани уште финансиски средства. Инвестираме во културата и го збогатуваме разновидното културно живеење на граѓаните, особено на младите во Тетово и во околината. Корисниците на конкурсот „Култура во лето“ покажаа талент и знаење со кој донесоа нова свежина во културната понуда за тетовчани во сите уметнички области. Основавме Национална установа музички ансамбл во Република Северна Македонија во Тетово, чија основна дејност е изведба, промоција и афирмација на албанската класична џез вокална и вокално инструментална музика, изјави министерката Костадиновска Стојчевска.
Таа потсети дека продолжија активностите за целосна конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во црквата „Света Богородица“ во Лешок, и дека е завршен и повеќегодишниот проект за конзервација и реставрација, санација и ревитализација на заштитеното недвижно добро „Алимбеговата куќа“ со 2,5 милиони денари.
– Конзервацијата, реставрацијата и реновирањето е под надлежност на Националната установа од областа на заштита на културно наследство. Самото управување со Тетовско кале е исто како што и Скопско кале во Скопје, односно е под надлежност и на локалната самоуправа. Ова значи дена надлежноста е поделена, но тука треба локалната самоуправа да си преземе мерки, одговори министерката на новинарско прашање за Тетовско Кале.
На новинарските прашања зошто е допуштено библиотеката да работи во помали простории и несоодветни услови, таа рече дека тоа не е точно. Рече дека сега со преместување на библиотеката наместо за образование делот од центарот за култура е посветен токму за културата.
– Напротив, установата има и помошни простории на следниот кат во Центарот за култура. Депото во новиот објект е веќе готов и дел од книжевниот фонд е сместен таму, а самата библиотека до крајот на 2027 година треба целосно да се пресели во новиот објект. Во просторот каде што беше библиотеката сега ќе се смести Европската куќа и тоа ќе помогне за збогатувањето на културниот живот, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска