Семејствата кои одгледуваат кучиња шарпланинци во населените места близу Шар Планина станаа ретки чувари на оваа традиционална автохтона раса, кои се помалку ги има на планински пасишта, најпознати како чувари на овците и нивните стада. Со намалување на сточарството се намалил и бројот шарпланинци, но за среќа има сè уште луѓе кои како миленици ги чуваат овие специфични кучиња што се одликуваат со нивната големина и изглед.
Историските податоците на Кинолошкиот сојуз на Македонија доловуваат за големата важност на шарпланинецот во минатото, особено во секојдневниот живот. Шарпланинецот се сметал и за дел од семејството.
„Во времето кога со Македонија владеела турската империја, се запишувала популацијата на домаќинствата: луѓе, стока и кучиња. Во историскиот архив може да се прочита дека само во Галичник во 1901 година имало 12000 овци и 700 шарпланинци. Популарноста на шарпланинецот е причина од шеесеттите па се до деветдесеттите години од минатиот век многу од нив да се однесат во останатите републики во тогашна Југославија и земјите на Западна Европа. Многу елитни примероци завршиле во центрите на Југословенската народна армија каде биле одгледувани како службени кучиња“ се вели за историјата на овие кучиња на веб страницата на Кинолошкиот сојуз.
По осамостојуавњето институциите ја истакнаа националната важност на шарпланинецот па е одлучено негов лик да се најде на основната монета од еден денар како и на поштенска марка.
Во тетовско Теарце, едно од потшарпланинските села, односно природното поднебје за живеење на шарпланинците, повеќе генерации во едно семејството одгледуваат вакви кучиња. Таков е и примерот и за семејството Георгиеви. Тие на овој начин остануваат верни на културата на одгледување на ваков вид на кучиња на шарпланинското подрачје.
„Дедо ми има 75 години, он како млад чувал шарпланинци, со тек на годините, после јас сум продолжил да чувам шарпланинци, веќе овој го имам година и пол. Пред тоа имав еден шарпланинец исто што беше многу напреден во изложбениот поглед, исто освојувал места, како на државно така и на регионално ниво“, вели Новица Георгиев.
Одгледувањето на шарпланинец претставува мерак но и предизвик. Како куче чии предци престојувале само на планина, во ова семејство во Теарце предноста е нивниот простран двор каде шарпланинецот Медо може слободно да се движи. Теарце се наоѓа на 650 метри надморска висина, а куќата е во Бигор маало, веќе во планинското подрачје, каде и што треба да биде шарпланинецо, инаку роден во април 2023 година.
„Поднебјето за него најмногу одговара, затоа што е во планина. Но сегашните шарпланинци малку се, да ги наречам како урбани, бидејќи се оттргнати од стадата од овците и од планината и сега малку има како „стара“ раса и „нова“ раса што би рекле. Демек, старата раса по правило место му е на планина не треба да биде во бокс, ние имаме поголем двор што можеме да му ги овозможиме тие можности за да тој се движи и да има кондиција, вели Новица.
Во текот на денот шарпланинецот Медо треба да се нахрани, да се исчисти, да се истрча. За голем дел од тие обврски се грижи и 11 годишниот Лука.
„Јас се грижам многу за шарпланинецот. Му давам љубов на шарпланинецот, го храниме, го трчаме, еден до два саата, одвојуваме за него, му подаруваме љубов, го трчаме и ако може со еден збор да се каже го дресираме“, изјави Лука.
За семејната посветеност кон шарпланинец Медо, резултат се бројните награди кои ги имаат добиено на изложбите за кучиња, особено на специјалните изложби за шарпланинци за само една година.
„За еден шарпланинец да биде изложбено убав треба да има јака цврста конструкција, да има цврсти нозе, цврста глава, сврзан врат со трупот, рамна грбна линија, аглите на нозете да не бидат многу отворени или затворени туку да бидат праволиниски поставени како предните нозе така, задните нозе. Исто на изложбата е многу битно носењето на опашката“ вели Новица Георгиев.
Во минатото и по повеќе шарпланинци се чувале по куќите низ шарпланинските села. Биле чувари и на куќите и на стадата. Тие се големи кучиња кои може да тежат од 50 до 80 килограми, а висината достигнува од 80 сантиметри па до 100 сантиметри. Сега низ целата држава во кинолошкиот сојуз се регистрирани 31 одгледувачница на шарпланинци-миленици.
автор Александар Самарџиев
Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија