Под мотото „Светот не би имал живот без боите“, учениците од основните тетовски училишта изработуваа цртежи и други ликовни творби по повод Меѓународниот ден на аутизмот, а со цел да се подигне свеста за оваа состојба. Активност се одржа на градскиот плоштад, а работата на учениците ја пофали градоначалникот.
„Сакаме да потенцираме дека овој ден е важен за да покажеме дека сите сме различни на некој начин и тие различности не прават еднакви. Сите деца без разлика дали се аутистични или не работат заедно, креираат заедно за да покажеме дека секој на свој начин може да придонесе во друштвото, ако им се даде можност. Од овој настан ги повикувам сите институции за да правиме заедно повеќе за оваа категорија на овие наши граѓани за да им дадеме можност утре кога ќе пораснат да бидат важен дел на нашето општество, изјави градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
За да се работи повеќе со аутистичните деца во училиштата, потребно е повеќе професионален кадар, а според Касами недостигаат околу 30 лица кои можеле да работат како психолози, педагози или дефектолози. Тој информираше дека општината има побарано повеќе вработувања но вели дека Министерството за образование и наука нема дадено такви согласности.
„Го повикувам, во овој случај Министерството за образование за посериозно да ја сфати нашата порака, нашето барање за ангажирање на професионален кадар по основните и средните училишта и тоа да не го гледа како обично вработување. Затоа што професионалниот кадар во училиштата е важен за правилен развој на нашите деца. Во тој случај ние како општина иако сме со лимитирани буџетски средства сме подготвени да учествуваме во кофинансирање на овие вработувања и ангажмани затоа што ги цениме дека се едни од најважните во целиот образовен процес на основно и средно ниво. Едноставно немаат одговор од Министерството за образование, изјави Касами.
Преку Советот на Општина Тетово, рече Касами, побарале но биле одбиени за кофинансирање на вработувањата, а причина е тоа што само Министерството има законска надлежност за такви работни места.