Управниот одбор на Национален парк Шар Планина информира дека е донесена одлука со која се забранува движење со моторни возила-ратраци надвор од дозволените патишта на територијата на Национален парк Шар Планина, заради спречување на деградација на природата, загрозување на опстанокот на видовите и природната рамнотежа на територијата на Национален парк Шар Планина, согласно одредбите на Законот за заштита на природата.
Според НП поради движењето на ратраците надвор од регистрираните патишта, направени се оштетувања на високо планинските предели и оваа дејност е означена како една од потенцијално најголемите закани за заштитеното подрачје и неопходно е да се регулира нивното движење.
„За жал при топењето на снегот, станува сè повидливо дека на високо планинските пасишта на кои се одвива традиционално сточарење, многу површини се изорани, а по искази на овчарите, на местата каде поминале овие машини овците веќе не пасат. За таа цел, во март месец минатата година, се обративме до неколку релевантни институции, а поради недоволно снежна покривка беше донесена одлука за забрана на дејноста. Република Северна Македонија е единствената држава во Европа, во која може да се практикува скијање со ратраци во Национален парк, или популарно фри-рајд скијање. За жал при топењето на снегот, станува сè повидливо дека на високо планинските пасишта на кои се одвива традиционално сточарење, многу површини се изорани, а по искази на овчарите, на местата каде поминале овие машини овците веќе не пасат. За таа цел, во март месец минатата година, се обративме до неколку релевантни институции, а поради недоволно снежна покривка беше донесена одлука за забрана на дејноста, соопштија од Национален парк.
Според нивната информација во дискусиите за регулирање на дејноста, активно биле вклучени и двата оператори кои ги организираат активностит.
„Последниот состанок беше одржан на 16 февруари 2024 година и им беше најавена одлуката со која се забранува движење со моторни возила-ратраци надвор од дозволените патишта на територијата на Национален парк Шар Планина, со цел навремено да се подготват за откажување на турите. Јасно е дека ваквата одлука значително ќе влијае на економските интереси, но истите во никој случај не треба да бидат на штета на природата. Ова е последна скијачка сезона во која се продаваат тури во кои прикажуваме уништување на нашите богатства и тоа пред туристи од Шведска, Норвешка, Франција, Англија и многу други земји кои грижливо ја чуваат својата природа“, соопшти ЈУ НП Шар Планина.
Единствен начин на кој понатаму може да се одвива возењето ратрак надвор од заштитениот појас кој е воспоставен околу скијачкиот центар Попова Шапка, е да се користат само двата постоечки регистрирани патишта.
„Затоа, за идна промоција на Шар Планина како подрачје со исклучителни вредности, ги покануваме операторите да ги редизајнираат продуктите, придржувајќи се до правилата за движење со моторни возила и тоа во насока на промоција на еколошки форми на туризам, како турно скијање, сноу шуинг или планинарење, велат од Паркот.
Во нивното соопштение се наведува Законот за заштита на природата каде се предвидени се прекршочни санкции за правни лица со глоба во износ од 9.000 евра до 140.000 евра во денарска противвредност и глоба за одговорното лице на правното лице во износ од 500 евра до 7.000 евра во денарска противвредност, во зависност од големината на субјектот и прекршокот, како и глоба за физички лица во износ од 300 евра до 450 евра во зависност од прекршокот.
Казните се однесуваат доколу се прави организирање движење со моторни возила или движење со моторни возила во природата, освен во населени места и сите видови патишта, уредени патеки и полигони за возење, како и за преземање активности за користење на природата на начин кој предизвикува оштетување или уништување на биолошката разновидност или преземање активности за користење на природата на начин кој предизвикува деградација на почвата и губење на нејзината плодност.
ас
фото НП Шар Планина