На денешната прес-конфренција директорот на Национален парк Шар Планина Ибрахим Дехари критикуваше дека општините во дел од планинските села не го собираат и носат сметот на депонија, па затоа побара повеќе соработка со локалната самоуправа. Се повеќе отпад останува на Шар Планина, што според Дехари создава алармантна појава.
„Има појава, одат од градот за нагоре и го фрлаат отпадот на Шар Планина. Секако можам да ги одвојам 3 општини како што се општина Тетово, Боговиње и Врапчиште каде има населени места или пак села во кои села секако отпадот не се собира воопшто. Затоа апелирам до овие три општини да се организираат соодветно да го собираат отпадот да и да го пренесат во соодветните места. Секако ние сме секој ден на терен, а контактираме со овие луѓе“, истакна Дехари.
Според него вината не е кај населението.
„Не можеме да ги обвиниме нив заради тоа што нема собирање. Конкректно општина Тетово значи не собира никаков отпад во селата, Ѓермо, Вејце и Бродец, Вешала и Бозовце. Во овие села никогаш не се собирал отпадот. Така со тој отпад е фрлен таму од со години на назад“, истакна Дехари.
Со повеќе соработка помеѓу општините и НП, можно е решение на состојбата, рече директорот.
„Овој не е денешен проблем. Проблемот е одамна, секако. Ние како нова институција си стапивме во контакт со сите општини. Секако секоја општина имаат посебни карактеристики или па проблеми со отпадот. Така што мојот апел е соработка со националниот парк да си најдеме соодветно решение за да отвориме нови можности за посетителите како нашите од Република Северна Македонија од нашите градови, па и за странците. Зато што многу е лоша сликата од како ќе ни дојде секој посетител прво што ќе види е разновиден отпад, па после ќе помине во тие најубавите места, дали врвови или па езера, истакна Дехари.
Граѓаните да бидат внимателни и да не се палат огнови и скари, воедно беше денешниот апел од НП откако седум дена исто толку шумски пожари имаше на Шар Планина.
А.С