Најден поголем дел од фрескоживопис од 13 или 14 век, ретка можност да се видат три слоја на насликани икони во црквата Света Богородица во Лешок
Тетово, 3 јуни 2023 (МИА)-Изминатава недела при годинешниве работи на реставрацијата на трослојниот фрескоживопис од 13, 17 и 19 век во црквата Света Богородица во Лешок најде е поголем фрагмент од 13 или 14 век. Според конзерваторите за ѕидно сликарство, поради големината на фрескоживописот од 13/14 век ќе има ретка можност да се презентира трослојното сликарство. Односно на едно место ќе може да се видат повеќето слоеви од фрескоживописот.
Тие направиле соодветен носач со кој постариот фрескоживопис од 13/14 век ќе биде покриен со постариот од 17 век. По потреба за научните истражувања ќе може да се помести, да се работи и пак да се врати.
– Станува збор за многу постар живопис, од 13 или 14 век, тоа науката ќе го каже. Затоа сега има една ретка можност да се презентира трослојно сликарство во црквата Света Богородица во Лешок. Ние направивме посебен носач за да може да го презентираме живописот. Постариот фрескоживопис ќе се заштити, но нема да се дозволува вадење на многу стариот живопис бидејќи станува за многу деградиран малтер, изјави Владо Муковски, конзерватор за ѕидно сликарство.
Секоја година по 20-тина дена неколку члената екипа на конзерватори работи на заштита на ваквиот вид на културно наследство во црквите стари и по неколку векови. Овие стручни лица посочуваат на потребата од повеќе средства но и да се образуваат уште повеќе луѓе.
– Предвидено е околу 20 и неколку дена да работиме стручната екипа, во фази работиме според тоа колку средства се одвоени од Министерството за култура. Ние тоа не го диктираме туку според тоа колку средства се одобрени ние за тие средства работиме. Во државата има тројца советници конзерватори за цела територија можете сега да претпоставите колку се тие луѓе доволни за цела наша држава да го заштитат ова културно наследство. Црквите имаат потреба од заштита, ние со неколку луѓе во оваа држава ни малку не можеме да одговориме на сите тие потреби. Заштитата е важна затоа што се фалиме со тоа културното наследство, па ако се фалиме треба да преземеме нешто за тоа соодветно да го заштитиме, потенцира Владо Муковски.
Пред десетина година врз црквата се правеше и заштита на архитектурата, односно на надворешноста на ѕидовите со цел да на пропушта вода.
– Овде имаше на оваа црква интервенции на архитектурата. Во минатото протекувало вода, таа вода со тек на време навлегла внатре и водата е најголем непријател на ѕидното сликарство. Најголем проблем е што кога ќе настанат големи оштетувања на ѕидното сликарство тоа е неповратно, додека во архитектурата вие можете тоа да го санирате, образложи Мукоски.
Конзерваторите во црквата Света Богородица ќе работат до 15 јуни, а потоа одат на реставрација во други објекти низ целата држава.
ас