Како влијаат честите промени на промените во образовниот систем врз наставничкиот кадар, разговаравме со Соња Трифуновска, одделенски наставник-ментор во ООУ „Гоце Делчев“ во Тетово. Наставничката со речиси две децении работно искуство вели дека секоја промена во образовниот систем треба да се темели на сеопфатни истражувања и анализи на повеќе аспекти кои се поврзани со училишниот процес. Реформите се ефективни кога ќе ги опфатат сите нивоа на образование и кога ќе се согледаат резултатите од нејзината примена преку меѓународните и државните тестирања, долготрајни истражувања и статистички анализи.
„Истражувања и анализи кои се однесуваат на училишните капацитети, условите за работа во училиштата, техничката опременост, ефектите од претходните образовани реформи, финансиската подготвеност на државата за промените, капацитетите на наставниот кадар, подготвеноста на учениците, општествените прилики, менталитетот во нашата држава итн. за да можат реформите да бидат на „здрави нозе“, да ги даваат очекуваните позитивни ефекти и да се имплементираат без посериозни потешкотии. Во спротивно¸ќе се појавуваат низа проблеми кои ќе го отежнуваат процесот на воведување промени и ќе се разниша образовниот систем, па сите вклучени чинители на воспитно-образовниот процес ќе ги почувствуваат проблемите и ќе бидат потребни дополнителни напори за стабилизирање на воспитно-образовниот процес. Реформите во нашата држава се многу чести и најчесто ги опфаќаат учениците од рана училишна возраст од прво до петто одделение. Ретко се случува да продолжат во погорните одделенија и да стасаат до средно образование“, смета Трифуновска.
Според неа честите промени не ги даваат посакуваните ефекти затоа изостануваат вложувања во имплементација на замисленото, како што се подготовка на наставни програми и прирачници, обучување на наставниот кадар, печатење на учебници, опремување на училиштата. Смета дека е потребно да се следат промените како се имплементираат во училиштата, на какви потешкотии наидуваат наставниците, како на промените реагираат учениците и слично.
„По неколку години прекинува процесот и започнува повторно со други реформи. Голем проблем настанува и поради тоа што најчесто за заживување на реформите постои кратка временска рамка, па сме неподготвени за реализација на наставата по нова програма. Проблемите се најчесто заради недостиг на учебници, нагледни средства и помагала и наставниците се доведени во ситуација сами да се снаоѓаат за наставни материјали и да ја импровизираат наставата. На пример, програмата Кембриџ бараше повеќе истражувачки активности за учениците, а училиштата имаа проблем со недостиг на кабинети и потребни наставни средства за реализација на наставата. Учениците кои учеа по оваа програма кога преминуваа во средно образование продолжуваа по стара програма и таму се среќаваа со материјал кој воопшто не го сретнале во основното образование и тоа создаде „дупки“ во учењето. Тоа е резултат на неусогласеност на програмите, смета Трифуноска.
Како делумна негативна последица од честите реформи во образование, се смета дека е изгубениот авторитет на наставниците кај учениците.
„Наставниците, посебно одделенските се навикнаа на чести образовни промени и се справуваат со многу предизвици во воспитно-образовната дејност, дали е тоа со имплементирање на новата Концепција за основно образование или претходната Кембриџ програма, интерактивна настава, чекор по чекор и слично. Наставниците на почетокот на промените секогаш следат обуки, но не секогаш тие се доволни за да ги добие потребните компетенции за спроведување на програмата. Посебен е проблемот што доста училиштата не се опремени со нагледни средства и помагала кои се потребни за спроведување на промените и наставниците се доведени во ситуација да носат од дома наставни средства за да можат да ја реализираат наставата. Овие чести реформски промени го доведоа во прашање и авторитетот на наставникот, заклучува наставничката Соња Трифуновска.
Претходната Влада имаше усвоено Стратегија за образованието 2018-2025 година. Актуелната Влада најавува нова Национална образовна стратегија за се тврди дека ќе ги вклучи сите чинители во образовниот и научниот процес и ќе има за цел да го подобри квалитетот на образованието во државата. До Министерството за образование и наука упативме прашање какви ќе бидат ефектите од тоа што секоја нова Влада предлага и спроведува стратегии во образованието.
„Стратегиите имаат континуитет. Во секој период наназад, министерството се водело според одредена стратегија. Но, прашањето е колку таа била или е добра и остварлива, односно дали и колкав позитивен ефект предизвикува. Цениме дека со новата стратегија која ќе биде изготвена следната година, а ќе важи од 2026, ќе ставиме крај на лошите досегашни политики кои ги спроведуваше раководството на МОН во изминатите 7 години, се вели одговорот на Министерството за образование и наука.
автор: Александар Самарџиев
фотографии: Соња Трифуновска
Со овој текст, Тетово Инфо се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.