Жителите на планинското село Луковица во Општина Желино алармираат дека поради снежна покривка не им е прооден патот и се отсечени од цивилизацијата. Снегот почнал да паѓа во петокот околу 16 часот и 30 минути и сè уште врне. Воедно се соочиле повеќечасовен со прекин во снабдувањето со електрична енергија.
– Снегот врнеше цела вечер и цел ден денес. Последен пат кога бев излезен околу 17 часот патот не беше прооден. Сега околу 19 часот има околу 40 сантиметри. Јас сум сточар и требаше да одам да однесам сирење за продажба во други места, ама од снегот не можеме да излеземе. Струјата беше во прекин од вчера во 19 часот до денес до 14 часот, информира Ќирко Милошевски, жител на селото и член на месната заедница.
Триесетината жителите кои се занимаваат со сточарство и порано се соочувале со ваква состојба, а сега се јавија до нашата редакција со цел јавноста да добие вистинска слика за состојбата во селото, односно дека живеат луѓе кои не можат да се движат поради снежната покривка.
– Го слушнавме директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на телевизиски вести каде вели дека нема жители, што не е така. Ние сме 30-тина постојани жители, а преку лето живеат и повеќе луѓе. Во селото се дојдени ловџии, кои поради непроодниот пат побарале од ЦУК да ги земат со хеликоптер. И тие сè уште не можат да заминат, вели Ќирко Милошевски.
Околу пладне, на социјалните мрежи градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу постави фотографии и објава дека се чистат патиштата во планинските села.
-Нашите машини работат на терен чистејќи ги патиштата во вечерните часови. Бидејќи снежните врнежи сè уште не престанале, апелираме до граѓаните да не возат возила непотребно, освен во случаи кои се апсолутно неопходно, се вели во објавата на градоначалникот.
Дополнително, од Општина Желино за Луковица велат дека патот се чисти, но проблем е големата снежна покривка.
-Од вчера механизацијата е на терен, работат интензивно на расчистување на патот но има многу снег на некои места и дува ветер. Се работи без прекин Крстец-Луковица-Седларево, соопштија од Општина Желино.
Поради високата снежна покривка не можеше да се стигне или да се замине од селото Луковица на планината Сува Гора и во февруари 2022 година.
Тетово инфо неколку пати изминативе години пишуваше за проблемот на Луковица, кое е меѓу ретките села во државата до кое нема асфалтиран пат. Во текот на 2023 година почна делумно асфалтирање на дел од 5,5 километри делница од месноста Крстец до Луковица.
ас