Физибилити студијата со која се предвидуваше паркинг услугите да се дадат на приватна компанија преку јавно-приватно партнерство денес беше тргната како точка на дневниот ред на 33-та седница на Советот на Општина Тетово. Во мај 2023 година беше претставена таа физибилити студија, а сега првиот човек на Советот вели дека е стара и има потреба од нова.
„Се консултиравме со правниците на Општина Тетово и увидовме дека таа е стара физибилити студија и дека треба да се направи нова физибилити студија, да се направи јавна дебата па да се стави на дневен ред, изјави Бесар Дурмиши.
Кога лани беше претставена физибилити студија со цел воспоставување јавно приватно партнерство за менаџирање со паркинг услугите во градот, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами уверуваше дека е потребен приватен партнер поради општата негативна финансиска состојба на општината.
Тој тогаш обраложуваше дека приватната компанија ќе плаќа комунална такса од прометот кон општината како и концесискa такса-надоместок, зголемување на бројот на работници и слично.
Од дневен ред беше тргната и точката која предвидуваше согласност од Советот за почнување на постапка за договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за давање на услугите на паркирање како концесија за јавна услуга.