Ваква е сликата од местото кај Фалише кое веќе 17 години се нарекува нова локација за православни гробишта. Дивата вегетација и фрлените отпадоци се главна карактеристика на гробиштата. Недостигаат и повеќе работи како тоалет, затворена просторија, место за седење и слично.
Во одделението за православните гробишта при Јавното комунално претпријатие „Тетово“ велат добиваат средства за тековно работење. За да се изгради нешто повеќе потребни се пари од оштината.
– Ние немаме средства за да се извршат тие работи на гробиштата во Фалише. Општината треба да инвестира, изјави раководител на одделение за православни гробишта Мирослав Симоски.
Советникот од редовите на СДСМ, Глигорије Стојановски, вели дека од нивна страна е предложено на седниците на Советот таму да се интервенира.
– Ние сме побарале, меѓутоа до сега не сме наишле на слух, се надевам дека во иднина ќе наидеме на разбирање и дека тој проблем со православните гробишта во најбрзо време ќе се реши, изјави Глигорије Стојановски.
Во општинскиот буџет за 2024 се предвидени средства токму за оваа намена, уредување и инфраструктурно унапредување, уверува Ангел Карапетров, координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.
– Во буџетот за 2024 година предвидовме два милиони денари, и со тие пари се планира да се реши санитарен јазол, да се направи еден помошен објект. Со помош на ЈКП Тетово ќе се работи на уредување на просторот, санирање на штета на оградата, и ќе се работи н хортикултурно уредување на просторот. Јавната набавка уште не е објавена, очекуваме наредниот месец да се објави и со текот на пролета да се почне со активности, изјави Ангел Карапетров.
Во 2007 година во Фалише почна погребувањето како нова локација за православните гробишта, затоа што на гробиштатат во Дреновец нема празни гроби места.
А.С