Педесетгодишниот В.Г. од тетовско Беловиште, вчера (28 март) во 19 часот и 50 минути во СВР Тетово пријавил дека на крстосницата на улиците „Видое Смилевски-Бато“ и „Борис Кидрич“, неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.
Четириесет и седумгодишниот тетовец, С.С. на 27 март во 21 часот и 40 минути во СВР Тетово пријавил дека на улица „Љубо Божиновски-Пиш“ во Тетово, неговата ќерка била касната од куче скитник, се вели во информациите на СВР Тетово.
Овие два случаи пријавени во СВР Тетово го отсликуваат секојдневниот предизвик на тетовчани да се справат со бездомните кучиња.
Иако важи за фреквентно место населбата „Борис Кидрич“ и истоимената улица се предизвик за граѓаните да поминат да си отидат дома, до работа или каде било да се движат. Тамошните станари бараат надлежните да преземат соодветни мерки и итно да се најде начин за справување со бездомните кучиња.
„Утринава бев нападнат од нив, а верувам дека и стотина ученици кои наутро одат на настава со страв поминуваат, се нападнати и ја избегнуваат локацијата. На враќање од работа, истата случка, од толку многу кучиња не може да се помине“, вели Александар од оваа населба.
На 14 март градоначалникот Биљал Касами на новинарско прашање кога ќе почне најде соодветна начин за справување со бездомните кучиња, се пожали дека има опструкции во подготовка на тендерот.
„Во делот имало некои компликации како што за жал се случува тука кај нас, за се да се прави препрека на општината. Во делот на подготовка на тендерската документација за да се објави, но работиме да се расчисти тоа да се објави тендерот за избор на фирмата која ќе се грижи за тие кучиња за да согласно тоа работиме во делот на тргање на тие кучиња од градот“, истакна Касами.
СВР Тетово на 13 март бележи вкупно шест пријави од граѓани кои биле повредени при напад од бездомни кучиња. Повредени се четири малолетници, како и двајца мажи на 44 и 54 години. Според евиденцијата во СВР Тетово преку 30 луѓе годинава за повредите од бездомните кучиња побарале да биде евидентирано од полицијата.