Планинар и активист за заштита на животни денеска околу пладне извадија бездомно куче од дупка/јама длабока четири-пет метри во Тетово во која паднало и се наоѓало околу една недела. За ситуацијата со кучето се зборувало во група на социјлната мрежа Фејсбук, по што планинарот Надир Мурсели и активистот Далибор се нашле на местото каде било паднато кучето со цел да го спасат и извадат од дупката.
-За проблемот ми се јави една моја пријателка, Ирина. Отидов со планинарска опрема, со јажиња. Се врзав за дрво и со помош на јажињата поради безбедност се спуштивме надолу со активистот. Кучето беше уплашено и лаеше. Некако успеавме да го ставиме во корпа, Далибор успеа да го врзр и да го стави внатре. Беше многу уплашено кучето нормално, не знаеше што се случува. И други луѓе имаше што помагаа, потоа за да се качи корпата нагоре. Имаше еден човек од околната продавница и уште неколку соседи и тие ни помогнаа да се повлече корпата нагоре, изјави планинарот Надир Мурсели.
Според сознанијата на граѓаните, дупката која се наоѓа во двор од градинката, била покриена со дрвена плоча и поради тоа кучето паднало. Изминатите неколку дена луѓето од соседството го забележале откако интензивно кучето почнало да лае и квичи. Тие овие денови му спуштале храна. По вадењето од дупката е однесено на локација за згрижување на бездомни кучиња на здружение за заштита на животни Амос Пет.