По единаесетти пат во Тетово ќе се одржи филмскиот фестивал „Вач аут“ (Watch Out), најавија денес преку прес-конференција претставници на Центар за балканска соработка Лоја.
Фестивалот почнува од утре 21 јуни во 20 часот со свечено отворање и ќе трае до сабота 24 јуни. Ќе бидат прикажани 34 филмови, а ќе се одржат и пет работилници за филм, култура и активизам.
– Конечно по шест недели имаме убаво време, па проекциите на филмовите ќе бидат на отворено на познатата локација во амфитеатарот во дворот на Музејот на Комунистичката партија во Тетово. Оваа е 11-то издание, а веќе 23 години Центар Лоја работи во областа на културата и се обидува на овој начин да ја пополни празнината кога станува збор за ваков вид на настани, изјави Бујар Љума.
На филмскиот фестивал се пријавиле 850 филмови од 85 земји. За победниците одлучувало жирото на фестивалот Фабијан Лангер, Ѓорѓе Јовановиќ и Арбен Жарку.
– Во категоријата документарен филм стручно жири за победник го прогласи филмот „Познат странец“ од Адишни Матиаланган од Сингапур. Кај експерименталните филмови победи „Ние сме Земјата“ од Зое Росе од Франција и во категорија кратки филмови победник „Чисто и добро осветлено место“ (Un lugar limpio y bien iluminado), од авторот Нелсон Урданета од Аргнетина /Венецуела, истакна Егзона Муслиу.
Ова издание на филмскиот фестивал има за цел да го врати гласот на активизмот преку уметноста во јавниот простор.
– Со филмови од целиот свет, ќесе прикаже разновидноста на киното и неговата убавина. Изданието на овој фестивал ќе биде во духот на активизмот и ќе ја охрабри борбата за правата и зачувување на јавниот простор и општествата, рече Бујар Љума.
Во случај на дожд проекциите ќе бидат организирани во Центар Лоја. Сите филмови ќе бидат прикажани во оригинална верзија со превод на англиски јазик.
ас