Со пригодна свеченост денес во компанијата КИЕЛ Македонија го означи почетокот со работа на втората нивна фабрика, која се изгради во Технолошко-индустриско развојната зона Тетово. Оваа фабрика има 7500 квадратни метри. Првата беше изградена во 2017 кај месноста Еребино близу тетовско Желино.
„Компанијата стартуваше со 40 вработени, моментално сме 180, а треба да достигне целта до 300 работници во двата објекта, кои произведуваат седишта за возови и автобуси“, изјави извршниот директор Владимир Стефановски
На свеченоста се обрати и мандатарот на идната Влада, Христијан Мицоски.
„Во едни вакви тешки времиња би рекол дека не само што е мудра, туку и навистина смела одлука да се инвестира во државата. И во таа смисла јас како човек кој за скоро очекувам да ја добијам парламентарната поддршка за водење на идната влада имам изразена намера да придонесам и активно поддржам секаков процес кој ќе значи нови работни места, повеќе пари во македонската економија, успешни бизнис приказни кои ќе ја потврдат мојата искрена намера преку инвестиции, преку развој и технолошки прогрес да ја враќаме државата на народот, контролата во негови раце и да создаваме среќна иднина за сите. Новата влада ќе биде партнер на стопанствениците. Една од првите мерки во првите 100 дена од новата влада ќе биде намалувањето на даноците на профит. На тој начин ќе се помогне на бизнисот и ќе се обезбедат повеќе пари во економијата. Ќе има кратење на административните процедури и отстранување на бариерите кои го попречуваат бизнисот, порача Мицкоски.
На свеченоста се обратија и Антје Ванделт, директор на АХК, Германска Стопанска Комора во Северна Македонија, Аки Етеми, претседател на управниот одбор на инвестициската групација НОРМАК, Јирген Мил, извршен директор на КИЕЛ Груп, како и Кристијан Шрандт, генерален директор, КИЕЛ Македонија.