Од денес граѓаните може бесплатно да оставаат кабаст отпад во нов отворениот Центар за собирање кабаст отпад што се наоѓа на патот од Тетово кон Требош. Овој центар почна да функционира како заедничка соработка помеѓу фирмата „Саубермахер“ која стопанисува со отпадот во Тетово и Општина Тетово.
Таму бесплатно ќе може да се остава кабастиот отпад, а за поголеми количини од „Саубермахер“ може да испрати и возило со кое отпадот ќе биде подигнат од домовите на граѓаните.
„Сега граѓаните ќе можат сите видови кабаст отпад кој до сега се фрлаше покрај контејнерите, но и на улиците ќе можат да го донесат тука. Ако граѓаните не можат да го донесат кабастиот отпад до овде, ние донесовме одлука на Совет за да може со возило да одиме до нивните домови и од таму да го земеме отпадот без граѓаните да плаќаат за тоа. Важно е сите да работиме заедно за да имаме почист и поевропски град, односно да бидеме град со нула отпад“, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.
Градоначалникот Касами исто така рече дека оние граѓани кои неодговорно се однесуваат и го фрлаат отпадот надвор од контејнерите ќе бидат регистрирани со камери кои ќе бидат поставени на повеќе клучни места во градот.
„Во наредниот период продолжуваме со поставување камери на неколку критични точки во градот, каде се фрла ѓубре и така ќе се идентификуваат несовесните граѓани не го фрлаат ѓубрето во контејнерите. Покрај ова во градот се поставени неколку контејнери кои се наменети за одлагање на електронски отпад“, порачува Касами кој најави дека наскоро ќе излезе со податоци против колку граѓани биле преземени мерки поради неправилно фрлање на отпадот. Тој упати и апел до полицијата и Судот посериозно да ги земаат во предвид ваквите прекршоци и да се изрекуваат посериозни мерки за да се спречи граѓаните и понатаму да однесуваат не одговорно кон одложувањето на отпадот.
Од фирмата „Саубмахер“ рекоа дека овој Центар за собирање отпад е заедничка активност со Општината, но се пожалија дека наплатата на сметките од страна на граѓаните е многу мала.
„Оваа локација на која ќе се одложува кабастиот отпад ќе биде отворена од понеделник до сабота од 8 до 16 часот. Во првата фаза ќе се собира крупниот отпад, пластика, хартија и електронски отпад. Ако овој центар за собирање отпад биде добро прифатен од граѓаните, размислуваме да отвориме уште еден на друга локација во другиот дел од градот. Одложувањето на отпадот ќе биде бесплатно за секој граѓанин кој редовно ги подмирува сметките кон „Саубермахер“. За жал сега наплатата на сметките не е таква каква очекувавме и изнесува само третина од вкупните сметки, а со толку мала наплата не може да има долгорочен развој, па можно е во наредниот период и да се преземат казнени мерки за несовесните корисници на нашите услуги“, посочи Роберт Ќаиќ, директор на „Саубмахер“.