Тетово инфо, 8 март 2024.
„Моќта и улогата на жената во општеството“-„Во потрага по еднаквости и права“ беше насловена денешната панел дискусија организирана од Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово.
Учествуваа жените кои се вработени во државни институции во Тетово, како и претставници на невладиниот сектор.
Во воведната презентација за состојби и статистики од повеќе области како што се правата на жените, видови на извршено насилство, едукација и образование, вклученост на жените, прекршување на женските работнички права и родово насилство, зборуваше Калтрина Сулејмани од Центарот за култура.
„Панел-дискусија на Центарот за култура заедно со претставници од другите државни установи е со цел да се подигне свеста кај жените и на целото општество. Во Центарот за култура сметам дека се околу 40 отсто вработени жени, но не значи дека е доволно, работиме на тоа да има што повеќе жени поготово на раководни места“, изјави директорот на Центарот, Вулнет Фејзулаи.
„Родовна еднаквоста треба да се почитува, жените треба да бидат повеќе застапени во сите процеси на општествениот живот. Во Фондот за здравствено осигурување, од каде што доаѓам, повеќето сме жени и се бориме за нашата рамноправност“, изјави Илијана Атанасовска Исајловска.
Жените се соочуваат со четири видови насилства-психичко, физичко, сексуално и економско, порача Џане Крешова од невладина организација која се дејствува во полето на спречување на насилство врз жените. Според неа, жената кога ќе може полесно да се справува кога ќе биде помалку економски зависна.
„Најчесто застапено е психичко насилство. Секојдневно има навреди кон девојките и жените, но ова е најчесто прикриено насилство, што е многу лошо и не се пријавува. Физичкото сè повеќе се пријавува. Македонките од порано го пријавуваат, а се менува свеста и кај Албанките па пријавуваат. Но има и случаи кога не се пријавува поради тоа што нема каде се вратат жените жртви на семејно насилство“, изјави Џане Крешова.
Статистиката од презентацијата вели дека во 2021 година, од вкупно 81 кандидати во 80 општини и за Град Скопје само две жени се избрани за градоначалнички. Во 2021 година меѓу пратеници 40,2 отсто биле жени додека во 2022 има 42 отсто. Според пописот од 2021 година во Македонија повеќе жени од мажи, односно се 50,4 проценти.
Александар Самарџиев