Во тетовската касарна „Кузман Јосифовски – Питу“ денес беше одбележан денот на единицата и по тој повод беше отворена Спомен соба на гарнизонот Тетово. Единицата, Трет пешадиски баталјон како свој ден го одбележува 27 август 1944 година во чест и сеќавање на формирањето на 15-та Поречка ударна бригада.
За историскиот момент пред присутните зборуваше бригадниот генерал на Првата пешадиска бригада Сашко Лафчински.
– Во село Брезица во 1944 година е формирана 15-та Поречка ударна бригада. Се до завршеток на народноослободителна војна оваа единица беше круцијалната борбена сила при изведувањето на борбените операции во северозападниот дел на Македонија и како таква има непроценлива важност при ослободување на татковината. Вашата единица ја има честа но и обврската да ги продолжува и негува традициите на 15-та Поречка ударна бригада. Затоа, одбележуваме уште еден ден во вековната борба на многу генерации за слободна и независна држава. Денес е денот кога им се додава признание на сите поранешни команданти, офицери, подофицери и војници на Третиот пешадиски баталјон за градењето на единицата, посочи бригадниот генерал Сашко Лафчински.
Командантот на Трет пешадиски баталјон потполковник Игор Станковски во својот говор порача дека да се биде припадник на оваа единица значи гордост но и обврска да се следи и надградува сето она што го започнале поранешните офицери и војници.
– Пред нас постојат уште многу предизвици но и јасно зацртана цел. Трет пешадиски баталјон како единица која е подготвена во секој момент професионално и одговорно да одговори на сите поставени задачи кои произлегуваат од зададената мисија. Да ги пренесуваме стекнатите воени вештини на новите генерации со кои ќе обезбедиме континуитет на единицата, посочи потполковник Игор Станковски.
Потоа, свечено беше отворена Спомен соба на Гарнизон Тетово која ќе сведочи за историјата на тетовската касарна.
– Спомен собата го одразува колективот на единицата. Секој еден поединец е битен за целосната слика за баталјонот. До израз дојде креативноста и преголемата желба да се зачуваат спомените од касарната. Спомен собата претставува жива материја која има отворени врати за дополнување и доопремување. Ова претставува еден почеток за зачувување на традициите кој треба да претставува поттик за наредните генерации да продолжат таму каде што застанавме ние, посочи на отворањето на спомен собата, потполковник Игор Станковски.
По повод денот на 3. Пешадиски баталјон, командантот Станковски за најдобар вод го прогласи Третиот пешадиски вод од состав на првата пешадиска чета.
ас